Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас денеска во Белград изјави дека е направен чекор напред во решавање на спорот за името и дека „реализам и прагматизам е клучот за решавање на проблемот и сфаќањето оти е потребен компромис“.
-Потребен е компромис, но не гнил компромис. Двете страни мора да разберат дека не можат да добијат се, но треба да имаат добивка, изјави Коѕијас по средбата со српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, додавајќи оти се надева дека двете страни во преговорите ќе го сфатат тоа и дека ќе има позитивни резултати.
Шефот на српската дипломатија, пак, рече дека директните разговори и барањето заеднички интереси се најделотворен начин за отстранување на проблемите „кои задираат во минатото, традицијата и историјата на регионот“.
Истакна дека Србија има разбирање за ставот на Грција и го повтори неговиот повеќепати искажан став дека признавањето на Македонија под уставното име бил „непромислен потег“ на Белград.
Според Дачиќ, однесувањето на Македонија кон Србија „не било адекватно“, посочувајќи го македонското признавање на независноста на Косово.
-Однесувањето на Скопје кон Србија и српскиот национален и државен интерес не беше адекватно. Тие признаа еднострани акти, изјави Дачиќ.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас вечер од Белград доаѓа во Охрид каде што утре ќе има средба со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
Во пресрет на средбата, Димитров денеска изјави оти очекува во Охрид да биде постигнат прогрес во решавањето на прашањето за името.