Стејт департментот го објави извештајот за човековите права. Најзначајни прашања во однос на човековите права во Македонија вклучувааат извештаи за тортура од затворските чувари; мешање во приватноста; насилство врз новинарите; недостаток на судска независност; корупција и насилство против ЛГБТИ луѓе.
Во извештајот за Македонија пишува дека на 31 мај минатата година Парламентот избрал нова Влада предводена од СДСМ, со што се ставил крај на неколкумесечниот процес на формирањето на Владата.
„На 27 април 2017 година, откако мнозинството во Парламентот го избра Талат Џафери за претседател, демонстрантите го нападнаа Собранието што резултираше со повреди на седум негови членови. Медиумите објавија дека припадници на Министерството за внатрешни работи им помагале на демонстрантите и не ја исполниле својата должност да ги штитат членовите на Парламентот. Министерството ги казни полицајците кои не ги исполниле своите должности, вклучително отпуштање на осум полицајци“, се вели во извештајот.
Владата преземала некои мерки за истражување, гонење и казнување на претставници кои извршиле злоупотреби, вклучително полицајци виновни за употребување на прекумерна сила, но „неказнивоста останува широко распространет проблем“ заклучува Стејт департментот.
Како резултат на истрагата, 180 полицајци беа испрашувани, осум беа отпуштени, 43 суспендирани, а 70 дисциплински постапки останаа во тек.
Во делот за „ Тортура и друго сурово, нечовечно или деградирачко постапување или казнување“, имаше извештаи дека полицијата ги злоупотребува притворените и затворениците и користи прекумерна сила. Во текот на првите шест месеци од годината, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи поднесе 11 приговори против полициските службеници за употреба на прекумерна сила и поведе дисциплински мерки против двајца полицајци за вакви престапи. Од јануари до септември, канцеларијата на Народниот правобранител доби девет претставки против полицијата за прекумерна употреба на сила.
Стејт департментот во извештајот ги цитира и заклучоците од Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа кои биле во посета на Македонија кон крајот на 2016 година. „ За време на посетата членовите на КПТ забележаа голем број обвинувањата за намерно физичко малтретирање на затворениците од страна на затворскиот персонал во затворот Идризово, најголемиот затвор во земјата. КПТ исто така, истакна дека затворските службеници намерно малтретираат затвореници осудени за сексуални престапи и Ромски лица. Во извештајот се истакнува дека “во затворот Идризово, секој аспект е за продажба – од добивање на место , до пристоен мобилен, лекови, краток отпуст, дрога.
Во делот за судството, Стејт департментот пишува дека се проблематични „селективноста и недостигот на транспаретност на судовите кога одлучуваат за притворите“. Според статитистиката на Владата, обвинителите барале притвор во 5 проценти од сите случаи. Скопскиот Кривичен суд одобрил 80 проценти од барањата за притвор поднесени од Одделението за Организиран Криминал. Во исто време, судот одбил 89 проценти од барањата за притвор и други мерки кои ги поднело Специјалното јавно обвинителство
„Минатата година, судот исто така ги одби и барањата од Специјалното јавно обвинителство за мерки како што се домашен притвор или одземање на пасоши. Во некои слуачи, судот дозволи осомничени да избегнат гонење“ стои во Извештајот, а како примери ги наведува обвинетите во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, Никола Бошковски и Горан Груевски и случајот со Сеат Кочан, кој успеа да ја напушти земјата и да го избегне притворот.
Стејт департментот ги нотира и именувањата на функционери од новата Влада. Во земјата има систем кој им овозможува на партиите да даваат посебни бенефиции за своите членови, пишува Стејт департментот. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја обвини владата за продолжување на овие практики, тврдејќи дека во јавната администрација не се следат професионалните квалификации пропишани со закон . На 6 јули, член на Извршниот комитет на СДСМ, Спасе Глигоров беше назначен да ја предводи непартиската Агенција за администрација. Именувањето на Иван Барбов за в.д. директор на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, исто така, беше контроверзно. Барбов беше осуден и доби условна казна во 2012 година за учество во група која им наплаќа на пациентите за нелегални документи. Меѓутоа, неколку извори тврдеа дека некои обвинети во случајот биле предмет на политички мотивирани обвиненија од страна на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Во делот за „Насилство и вознемирување“, Стејт департментот ги анализира заканите упатени кон новинарите – документирани се 14 инциденти за насилно однесување против новинари, на 21 новинар му било забрането да известува и шест новинари биле тепани – овие инциденти се случиле за време на демонстрациите на „Заедничка Македонија“ и потоа во Парламентот на 27 ми април.
Домашните и меѓународните групи за човекови права генерално работеа без владини ограничувања, ги истражуваа и објавија своите наоди за случаите на човекови права. Владините претставници честопати беа подготвени да ги слушаат овие групи, но понекогаш и не реагираа на нивните ставови.
Во декември 2016 година, даночните власти отворија истрага за 20 граѓански организации. Управата за јавни приходи вршеше контроли во НВО кои беа критични кон владините политики кои ги спроведуваше ВМРО-ДПМНЕ. Контролите на Управата за јавни приходи се совпаднаа со повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за “Десороизација” на земјата. Народниот правобранител, ревизите ги нарече „лов на вештерки“, а специјалниот известувач Иво Вајгел изрази загриженост истакнувајќи дека се работи за “радикални и неоправдани јавни напади врз граѓанскиот сектор од страна на политичарите и медиумите”.
На 17 ноември Министерот за внатрешни работи објави дека истрагите на јавното обвинителство се завршени и дека не се најдени прекршоци, со исклучок на едно обвинение за мала даночна евазија.
При објавувањето на годишниот извештај на САД во кој се испитуваат практиките за почитувањето на човековите права на 200 земји во 2017 година, вршителот на должноста државен секретар Џон Саливан изјави дека морално ги осудуваат Владите кои ја ограничуваат слободата на изразување и правото на мирен собир и кои дозволуваат и вршат насилство против членови на религиски, етнички и други малцински групи.
„Владите на Кина, Русија и Северна Кореја, на пример, секојдневно ги прекршуваат човековите права во нивните граници и како резултат на тоа се сили на нестабилност“, рече Саливан.