Северна Кореја ослободи тројца американски државјани од затвор, според твитот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Овој потег се смета за гест на добра волја пред историскиот самит меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун.
Ослободувањето на тројцата затвореници се случува по средбата на американскиот државен секретар Мајк Помпео со Ким Јонг Ун во Пјонгјанг на која се договорале деталите за претстојната средба на Трамп со Јонг Ун.
Тројцата американски државјани беа затворени во работни логори за анти-државни активности. Еден од нив беше уапсен во 2015 година и осуден на 10 години затвор за шпионирање, а останатите двајца беа уапсени во 2017 година за „непријателски активности“.
„Се чини дека се во добра здравствена состојба”, напиша Трамп, додавајќи дека се договорени датумот и локацијата за разговори по “добрата средба со Ким Јонг Ун”.