Поради неисполнети услови за одржување на рочиште, судењето за несовесно работење во случајот со малата Тамара Димовска од Велес која почина чекајќи одобрение за лекување во странство, е одложено за 4 јули.
Поранешната директорка на Детската клиника Аспазија Софијанова, според нејзините адвокати, од службени причини, не била во можност да дојде во Кривичниот суд во Скопје.
Софијанова и 11 други се обвинети за случајот познат во јавноста како Тамара. На судскиот процес денеска не дојдоа ниту обвинетиот Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов и Маја Парнарџиева-Змејкова.
Меѓу обвинетите се пет членови на првостепената и пет членови на второстепената комисија, кои го донеле односно го потврдиле негативното решение за лекување во странство. Обвинети се и двајцата тогашни директори на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗО. На обвинителна клупа, меѓу дванаесеттемина, треба да седнат докторката Аспазија Софијанова, и ексдиректорите на ФЗО, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази.
Тие се обвинети за несовесно работење во службата. Обвинителството постапуваше по допрен глас, а подоцна ја припои кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од мајката на починатата Тамара од Велес. Предметот ќе го суди судијата Марин Станевски.