Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изрази надеж дека договорот за новото име на Македонија ќе биде во интерес на Атина и на Скопје и дека ќе го поддржат граѓаните и на двете држави, пренесе Спутник од Белград.
-Секогаш нагласувавме дека се залагаме за пронаоѓање договор за тој проблем, без мешање однадвор, без поставување на одредени вештачки услови. Говоревме дека ќе го поддржиме решението кое ќе биде во интерес на Грција и на Македонија и кое ќе има широка народна поддршка. Се надевам дека договорот кој вчера беше објавен е токму таков, изјави Лавров на прес-конференцијата во Москва со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас рече дека со Договорот се елиминираат „иредентистичките претензии во Скопје“ и очекува сега да се решат проблемите со Албанија и да се рестартираат разговорите за Кипар.
“Верувам дека нашиот регион ќе стане помирен … Сега, кога излеговме од финансиската криза, веруваме дека стабилноста на Балканот може да ни помогне да растеме”, рече Коѕијас.
Коѕијас го покани шефот на руската дипломатија Лавров да ја посети Атина во септември за да ja подготват посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Русија.
„И Русија и Грција сметаат дека дијалогот меѓу Русија и ЕУ, дијалогот меѓу Москва и Брисел – треба да се обнови, па затоа ги покануваме нашите грчки колеги да имаат позитивен пристап кон ова прашање”, рече Лавров.