Египет не издржа докрај во премиерата на Светското фудбалско првенство против Уругвај. Двократниот планетарен титулар славеше во Екатеринбург со 1:0. Трите бода за „ла селеста“ ги осигура Хозе Марија Хименез во претпоследната минута од средбата.
Уругвајците во најголем дел го контролираа настапот на „Екатеринбург арена“. Имаа иницијатива, изградија неколку прилики за гол, Суарез промаши идеална во првото полувреме за радост да дочекаат дури во финишот. При нафрлувањето по прекин во висина на скратен корнер, најснаодлив беше Хименез кој успеа да ја упати топката зад грбот на Ел Шенави.
Наспроти најавите дека ќе игра, Мохамед Салах, сепак, го проследи мечот од клупата што упатува дека не е сè уште опоравен во целост од повредата на рамото што ја здоби во финалето во Лигата на шампиони.
Русија и Уругвај имаат по три бода во групата А со таа разлика што „зборнаја“е лидер поради гол разликата што ја набилда против Саудијците.
Во второто коло Русија ја очекува дуел со Египет додека Уругвај ќе игра против Саудиска Арабија.
https://www.youtube.com/watch?v=KZGd-x9Z8sk
Египет – Уругвај 0:1 (0:0)
„Екатеринбург арена“ во Екатеринбург. Гледачи: 27.015. Гл. судија: Бјерн Куиперс. Асистенти: Сандер ван Рекел и Ервин Зеинстра (сите тројца од Холандија). Ж. картони: Хегази (Египет). Стрелец: Хименез 89’ за Уругвај.
Египет (формација 4-2-3-1): Ел Шенави – Фати, Али Габр, Хегази, Абделшафи – Хамед, Елнени – Варда, Абдала, Трезеге – Марван. Селектор: Ектор Купер.
Уругвај (формација 4-4-2): Муслера – Касерес, Годин, Хименез, Варела – Араскаета, Бетанкур, Весино, Нандез – Кавани, Суарез. Селектор: Оскар Табарез.