Српскиот новинар Стефан Цветковиќ, по кого неколку дена се водеше интензивна потрага, денеска на прес конференција ќе обелодени што му се случувало.
За агенцијата Бета тој изјави дека полицијата му доделила 24 часовно обезбедување, но засега нема детали за неговото исчезнување.
-Ми беше кажано дека проценките за мојата безбедност се такви што ми е потребно 24 часовно обезбедување од МВР. Јас реков дека не се противам на тоа доколку тоа е нивна проценка, изјавил Цветковиќ.
Цветковиќ во меѓувреме со кратко видео се обрати на Фејсбук во кое им се заблагодарува на сите кои се потрудиле на секаков начин да помогнат да биде пронајден.
Новинарските здруженија во Србија истакнуваат дека целиот овој случај би требало што побрзо да се разјасни.
-Има многу непознати детали, многу непознати факти и се плашам дека целата новинарска професија може да се најде во проблеми, бидејќи мислам дека имаме случај кога некој постојано вика – волк, волк, а кога ќе дојде волкот веќе никој нема сериозно да го сфати. Мислам дека со Стефан Цветковиќ ние сме во таква ситуација, смета претседателот на Здружението на новинарите на Србија Петар Јеремиќ.
Судија на Апелацискиот суд во Белград смета дека деталите за овој случај треба да ги изнесе републичкиот јавен обвинител или барем обвинителот на овој предмет, а не претседателот на државата, министерот за внатрешни и директорот на српската тајна служба.
Новинарот Цветковиќ исчезна ноќта меѓу средата и четвртокот минатата недела, а според неговите изјави бил пронајде во петокот, од кога бил на сигирно и за него се грижела полицијата.
Во меѓувреме во јавноста беа лиферувани информации дека во тек е гоелма потрага по него, во која се вклучени сите институции, што сега предизвикува сомнежи во јавноста во врска со овој случај.




