Основниот суд Скопје 1 денеска ќе ја изрече пресудата за Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара Димовска од Велес која во 2015 почина чекајќи пари за операција на р’бетот.
На Стојановски кој е во притвор, му се суди за убиство во обид на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.
Неговата одбрана бара тој да биде ослободен, затоа што, како што кажа во завршните зборови тој носел пиштолот, но само за да пука во воздух како предупредување да не се повтори неправдата на неговата внука.
Обвинителството бара казна затвор затоа што смета дека Стојановски во јуни 2017 година со умисла се качил во воз од Велес за Скопје. Прво се упатил кон домот на Тодоров, а откако не го нашол го начекал пред министерството и кон него испукал еден куршум, кој според обвинителството не завршил во неговата глава, оти Тодоров рефлексно се наведнал.
Претходно, Стојановски беше осуден на условна казна затвор за поседување оружје откако тој ја призна вината. Но Апелацискиот суд Скопје на крајот на јуни годинава ја преиначи пресудата на една година ефективна казна затвор.