За 10 до 15 години Европската унија би требало да има „три круга“. Ова е ставот на францускиот претседател Емануел Макрон изнесен при неговата посета на Португалија. Младиот француски претседател планира и формирање на своја либерално демократска пратеничка група во Европскиот парламент (ЕП) по изборите во 2019 година којашто сака да ја разбранува политичката сцена во ЕУ, како што тоа го направи во Франција.
Трите круга на Макрон
Според него, во клучниот прв круг, „срцето на реакторот“ би била зајакнатата евро зона со Германија и Франција како столб. Првиот круг би бил со поинтегриран пазар на трудот, со силни социјални права, дури и заедничко осигурување од невработеноста.
Во вториот круг, според Макрон, би биле земјите членки на ЕУ „со силен единствен пазар, некаде помеѓу поширока ЕУ и евро зоната“, кои ако би сакале да напредуваат, би можеле да влезат во евро зоната со посебен буџет, европски монетарен фонд, посилно политичко уредување, со воени, политички и трговски политики на ЕУ што би „гарантирале вистинска слобода на движење внатре во зоната“.
Најширокиот трет круг би претставувал „унија на вредности, демократски начела и економски слободи“ нешто помеѓу ЕУ и Советот на Европа.
– Во најширокиот круг би можело да има место и за Русија и за Турција, иако не мора да бидат членки, но да имаат блиски договори за асоцијација, истакна Макрон.
Лисабон – првата станица на Макрон
Лисабон е прва земја од турнејата на Макрон по земјите членки на ЕУ со цел да објасни и да добие поддршка за својата идеја за реорганизирана, економски, политички и одбранбено зајакната Унија, со што трајно би се надминале сегашните кризи и предизвици, вклучително и неизвесноста и сомнежите за одржување на стратешкото сојузништво Европа – САД.
Тој во Лисабон ја бранеше својата амбиција за обнова на Европа која, според него, треба да биде “посензитивна” и помалку “бирократска”. Антонио Коста, неговиот португалски домаќин, се согласи со Макрон и додаде дека “големата битка што ја водиме во Европа проти популизмот и Европа на вистината”.

Макрон не спомна влез на нови земји во ЕУ, но го повтори ставот дека ЕУ прво треба да зајакне, да ги обнови своите редови, да ги превенира кризите кои би можеле да ја погодат, за да може да прими нови членки од Западен Балкан.
Францускиот претседател во септември минатата година, во својот говор во Сорбона, нагласи дека земјите од Западен Балкан поради мирот и стабилноста во Европа треба да станат членки на ЕУ но откако во целост ќе ги усвојат „правните текови“ и демократски барања на ЕУ. Тогаш тој предупреди дека тие држави не би смееле да се свртат кон Русија, Турција или „авторитарни сили кои не ги почитуваат европските вредности“.
Оваа турнеја треба да продолжи во наредните месеци сите земји членки на ЕУ како подготовка за европските избори во јуни 2019 година.
Походот на Макрон кон Европа
Неговата центристичка партија Република во движење (РЕМ) се смета за блиска до Алијансата на либералите и демократите на Европа (АЛДЕ), но тој подготвува ново движење, кое ќе се нарекува Прогресивни демократи и кое ќе настапи на изборите во повеќе европски држави и ќе се претстави како одговор на подемот на националистичките партии и нелибералните сили.
– Макрон е главен поборник на тезата дека мораме да ја засилиме Европа за да не се случи да победат нелибералните сили, смета Јанис Емануилидис од Центарот за европска политика во Брисел.
Уште во март годинава Макрон лансираше голема операција во Франција наречена “Големо движење за Европа” во кое се оди од врата на врата кај Французите и се испраќаат прашалници во кои учесниците треба да кажат како ја замислуваат иднината на ЕУ.
Со својата претседателска кампања во 2016 година и 2017 година Макрон буквално ја размести политичката сцена во Франција и би сакал истото тоа да го направи во ЕУ. Идејата е токму формирањето на нова политичка група во ЕП.
Но, од досегашните реакции на првите луѓе на трите најголеми европски политички групи – десната Европска народна партија (ЕНП), левата Социјалистичка партија (ПС) и либералите од АЛДЕ – очигледно е дека ентузијазмот кај нив не е присутен.
Германецот Елмар Брок од ЕНП веќе изјави дека нема намера да се “побратимува” со Макрон. Социјалистите со поотворени за соработка но без намера да ја менуваат природата на политичката група според идеите на младиот француски претседател. Остануваат либералите на АЛДЕ. Според нивни членови, убаво би било групата да стане посилна со француска помош но не планираат да ја претопат нивната политичка група во таа на Макрон.
Сето тоа ќе мора да биде договарано по европските избори во јуни 2019 година и зависи пред се од бројот на гласови што партиите ќе ги добијат. Доколку новото ЕУ движење на Макрон освои доволен број гласови, може да се случи Французот да ја оствари својата амбиција и да подели нови карти на европската политичка сцена.
Орбан против француската визија за ЕУ

На ова досега реагираше унгарскиот премиер Виктор Орбан, популистот кој сака да ја трансформира ЕУ според својата илиберална идеологија.
Во интервју за германскиот весник, „Билд“, Орбан наредните европски избори, кои ќе се одржат во мај 2019 ширум ЕУ, ги нарекува „одлучни“ и а негова цел е да се „урнат либералните елити“.
– Германците треба да бидат посебно внимателни, затоа што идејата на Французите е да наметнат француско лидерство, а да го финансираат со германски пари. Отфрлам таков проект. Не сакаме Унија предводена од Франција, вели Орбан за германскиот весник.