Еден од легендарните италијански фудбалери се врати на местото во кое ја започна својата кариера. Паоло Малдини (50) е именуван за директор за стратешки развој во Милан. Доверба за извршување на новата функција доби од Леонардо кој по доаѓање на новото раководство на „росонерите“ беше назначен за спортски директор на екипата.
Малдини е дете на Милан. Целата своја кариера во копачки ја мина во „црвено-црниот“ дрес почнувајќи од 1984 година до 2009 година. И покрај многуте понуди од странство, беше и остана верен на седумкратниот европски првак во кој доживеа полна афирмација, па денешниот потег на управата на клубот доаѓа како еден вид награда за неговата лојалност.
Во 25. години кариера, Малдини одигра 647 натпревари за тимот од „Сан Сиро“ што го прават играч со најмногу настапи во Серија А (во сите клупски натпреварувања има 902 меча), седум пати го подигнуваше „Скудетото“, пет пати беше континентален шампион и за репрезентацијата на Италија настапи во 126 средби во кои постигна седум погодоци.
Кон нив има трофеј и во националниот куп (2002/03), пет во италијанскиот Суперкуп (1988 година, 1992 година, 1993 година, 1994 година, 2004 година), четири во европскиот Суперкуп (1988 година, 1990 година, 1994 година, 2003 година), два во Интерконтиненталниот куп (1989 година, 1990 година) и една од Светското клупско првенство на ФИФА (2007 година).