Лидерката на германската Социјалдемократска партија, Андреа Налес, навести дека Берлин може да размисли за давање на помош на Турција за актуелната економска криза во земјата.
– Може да дојде до ситуација во која ќе биде нужно Германија да и помогне на Турција, независно од политичките тензии со претседателот Реџеп Таип Ердоган, изјави Налес.
Таа посочи дека Турција е членка на НАТО и дека тоа не може да се игнорира.
– Во интерес на сите е Турција да остане економски стабилна, истакна Налес.
Дипломатската криза помеѓу Анкара и САД, кои се сојузници во НАТО, започна со затворањето на американски свештеник Ендру Бренсон, уапсен во декември 2016 година, а неодамна префрлен во домашен притвор. Тој ги негира обвинувањата дека ѝ помагал на групата која Анкара ја обвинува за обид за државен удар, и оти им пружал поддршка на курдските екстремисти.
На одбивањето за ослободување на свештеникот, САД одговорија со санкции против двајца турски министри.
Турската лира продолжува да паѓа откако Вашингтон во петокот се закани со нови санкции. На падот на лирата влијае и контролата на Ердоган врз турската економија и неговото одбивање да и дозволи на централната банка на Турција да ги зголеми каматите.
Агенцијата „Стандард енд Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Турција на „Б плус“ наведувајќи дека падот на вредноста на лирата ќе доведе до послаба економија следната година.




