Џон Милман ја креира најголемата сензација на годинашното издание на Ју-Ес опен. Австралиецот успеа да направи голем пресврт за уште поголема победа над Роџер Федерер со 3:6, 7:5, 7:6, 7:6 во четвртото коло и спречи нова класика меѓу Швајцарецот и Новак Ѓоковиќ во четврт-финалето.
„Не можев да земам воздух“, рече вториот фаворит на турнирот по првиот негов пораз во Њујорк од ривал кој не припаѓа на топ 50 на АТП листата.
Федерер пропушти прилика за нов трофеј, шести во Њујорк или вкупно 21 гренслем во кариерата. Неочекувано загуби од Милман кој за првпат ќе игра четврт-финале на турнирите од големата четворка и кој, воедно, ужива во прв триумф на играч во топ 10. Причина за елиминацијата, Швајцарецот ја лоцира во неподносливо топлото време.
„Бев преокупиран со мислата колку е топло. Беше една од ноќите во кои не можев да земам здив. Воопшто немаше проток на воздух“, истакна Федерер.
Швајцарскиот тенисер не заборави да истакне и пофалби на сметка на Милман кој од август во минатата година до сега напредуваше од 235. место до 55. место на АТП листата. Дополнителен напредок ќе има и по Ју-Ес опен со оглед дека стигна до најдобрите осум.
„Ми се допаѓа неговиот интензитет на игра. Ме потсетува на Давид Ферер и нему сличните кои секогаш тренираат силно и играат со страст. Јас се борев со невозможни услови за првпат во кариерата. Беше непријатно. Како одминуваше мечот, неподносливо се потев и губев енергија. Џон се снајде многу подобро. Можеби е навикнат со оглед дека доаѓа од Бризбејн, град со најголема влажност во светот“, истакна Федерер.
Тој потенцира дека условите за игра во Њујорк оваа година се исклучително тешки поради високите температури. Временските (не)прилики влијаеле за забавување на неговиот настап и едвај чекал да дојде крај на мечот за да излезе од „Артур Еш“ стадионот. Ова е втор негов пораз на гренслем турнири од ривал кој не е меѓу најдобрите 50. Првиот го претрпе од Сергеј Стаховски на Ролан Гарос во 2013 година. Против Милман, според многумина, го имаше едно од најслабите изданија во кариерата. Направи дури 78 неизнудени грешки, 10 двојни на сервис, а првиот сервис беше со само 49 отсто успешност.
Ју-Ес опен, резултати, 4 коло
Мажи
Милман (Австралија) – Федерер (2., Швајцарија) 3:6, 7:5, 7:6, 7:6
Ѓоковиќ (6., Србија) – Соуза (Португалија) 6:3, 6:4, 6:3
Чилиќ (7., Хрватска) – Гофан (10., Белгија) 7:6, 6:2, 6:4
Нишикори (21., Јапонија) – Колшрајбер (Германија) 6:3, 6:2, 7:5
Жени
Киз (14., САД) – Цибулкова (29., Словачка) 6:1, 6:3
Осака (20., Јапонија) – Сабаленка (26., Белорусија) 6:3, 2:6, 6:4
Суарез Наваро (30., Шпанија) – Шарапова (22., Русија) 6:4, 6:3
Цуренко (Украина) – Вондрушова (Чешка) 6:7, 7:5, 6:2