Зоран Божиновски, еден од обвинетите во случајот „Шпион“ нема кривично да се гони за делото „Злосторничко здружување“, бидејќи кривичното дело е застарено.
На денешносто судско рочиште судијата Владимир Туфегџиќ истакна дека кривичниот прогон за ова дело се запира, бидејќи предвидената казна била од 6 месеци до 3 години затвор, што значи дека апсолутната застареност настапила за шест години, од сторувањето на кривичното дело во 2011 година.
На Божиновски ќе му се суди само за кривичното дело „Шпионажа“.
Јорданов: Му дадов 5.000 на Божиновски
На денешното рочиште како оштетен сведок сведочеше бизнисменот Минчо Јорданов.
На прашањата на судијата Владимир Туфегџиќ, Јорданов раскажуваше дека со обвинетиот Зоран Божиновски се запознал во 2007 година, кога од негов пријател Божиновски му бил посочен како експерт кој може да му помогне во анализата на пазарот за неговите идни бизнис инвестиции.
-Она што го добив како анализа од Божиновски е подолу и од кафански муабет и бидејќи не бев задоволен, му реков дека ќе ја прекинеме соработката. Му дадов на првата средба 5.000 евра аванс и усно се договоривме да му исплаќам пари зависно од сработеното. На средбата кога му реков дека ја прекинуваме соработката, неговата реакција беше негативна и ми рече дека треба да му дадам уште 10.000 евра, на што јас му одговорив дека и овие пари што му ги платив се многу, сведочеше Јорданов.
Потоа, како што кажа Јорданов, почнало објавување на текстови на порталот на Божиновски „Буре весник“ со лаги, измислени и нечовечки приказни.
Соработката со Насковски
Јордановски говореше и за неговата соработка со обвинетиот Миќо Насковски за кого рече дека го ангажирал како експерт за купување на компанијата “Бетон”.
-Го купивме “Бетон” но пресметките покажаа дека сме го добиле по цена повисока за 20%. Тогаш со Насковски се расправавме со месеци, зошто не беше можно цената за толку да скокне, односно според берзата беше можно само за 10%. Исто така за услугата го платив со 150.000 евра, од кои дел во кеш, рече Јорданов.
Тој додаде дека и покрај недоразбирањето Насковски бил поставен за претседател на бордот на директори.
-Но, бидејќи правеше злоупотреби, односно на сметка на фирмата си купи кондури од 400 евра од Белград, а и пазаруваше во самопослуга, по шест месеци беше сменет, истакна Јорданов, кој додаде и дека при купувањето на компанијата Насковски од Зоран Азманов побарал и дуплекс стан.
Потоа за да е разреши проблемот, околу тоа дали “Бетон” бил претплатен за 20% бил организиран состанок на кој присуствувале дел од обвинетите, но и Зоран Витанов.
– Зоран Витанов ме убедуваше дека цената за која сме ја купиле компанијата е реална и цената била согласно берзата, а дека требало да му исплатам уште пари на Насковски и тоа десетици милиони евра, рече бизнисменот и додаде дека се разделиле во мирна атмосфера.
Иако Јорданов истакна дека не добивал директни закани или уцени, сепак рече дека на секој состанок му кажувале дека не ги исполнил сите обврски, односно дека Насковски придонел за проекти кои му донеле над 30 милиони евра.
-Не се спомена конкретен износ на пари, туку дека сум дал малку пари и дека сум имал обврска уште да дадам пари, но немаше прецизирана сума, истакна бизнисменот.
На прашањето на судијата Владимир Туфегџиќ дали се чувствува за оштетен, за тоа што платил повеќе 20% за компанијата, бизнисменот истакна дека условно да, се чувствувал оштетен, но нема намера да бара компезација.
Судијата Туфегчиќ го праша Јорданов и дали е вообичаено на рака да исплаќал пари и без да прави писмени договори?
-Кешот го исплаќав од моја сметка, а не од сметка на фирмата, истакна Јордановски.
Јордановски се откажа од отштета и од кривичен прогон на обвинетите
Бизнисменот Минчо Јорданов на денешното рочиште за случајот „Шпион“ соопшти дека нема да бара отштета од обвинетите, но и дека нема да се приклучи на кривичниот прогон на обвинетите, објави „Фокус“.
Тој иако во обвинителниот акт е посочен како сведок оштетен, но и самиот истакна дека дел од обвинетите му барале повеќе пари за услуги кои ми ги вршеле, но од кои не бил задоволен, сега истакна дека не бара штета.
Тој пред судот појасни дека не бил уценуван и не добивал директни закани, но бил потсетуван дека треба да исплати уште пари, по што излегувале навредливи содржини за него во Буре весник.