Во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, се сретнаа со претставници на Форумот за демократска Македонија – заедница на иселеници од Република Македонија(ФДМ).
Како што соопштија од владината прес служба, премиерот Заев им се заблагодарил на заложбите и активностите на претставниците на Форумот за демократска Македонија во промовирање на државата и нејзиното културно наследство низ светот, како и за афирмацијата на стратешките интереси на Република Македонија.
Во врска со претстојниот референдум, премиерот Заев ги повикал сите граѓани од Република Македонија кои живеат во странство, да ги поддржат напорите и процесите кои водат кон подобрување на демократијата, како и кон унапредување на економијата и животниот стандард на сите граѓани во нашата земја.
Претставниците на ФДМ од Вашингтон и Њујорк го потврдиле нивниот став дека референдумот на 30 септември е единствениот пат кон полноправно членство на земјата во НАТО и Европската Унија. Дополнително, тие порачаа дека секој треба да учествува во демократските процеси за развој на Република Македонија и повикаа Владата да продолжи со инклузивен пристап во градењето политики и носењето одлуки за доброто на сите граѓани во земјата, се вели во соопштението.