Во Кривичениот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за настаните во Собранието од 27 април.
На претходното, во понеделникот, се гледаа снимки од медиумите и безбеносните камери направени при упадот во законодавниот дом.
За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На претходното рочиште беа прикажани снимките од видео камерите на Стопанска банка, од Собранието и од телевизиите.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
ВМРО ДПМНЕ бара закон за амнестија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својот говор пред сопартијците на одбележување на Денот на револуционерната борба побара да се донесе Закон за амнестија со кој ќе се амнестираат сите учесници од 27 април, за како што рече, „да се амнестираат сите, неселективно, а не само оние кои соработуваат со власта“.
Вчера беше соопштено дека претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја води комисијата за помирување која се очекува да се формира по иницијатива на осумтемина пратеници од опозицијата кои гласаа „за„ уставните амандамни, а за која подршка даде и премиерот Заев. Во оваа Kомисија ќе членуваат координаторите на пратеничките групи и претставници на 8 пратеници.
На координацијата кај спикерот Џафери вчера не присуствувале пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за да се изјаснат дали ќе подржат формирање на ваква Kомисија, но на прес конференција портпаролот на партијата Наум Стоилковски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во ова тело и повтори дека партијата ќе поднесе закон за амнестија.