Дуелот во Лигата на шампиони со Чеховски Медведи толку ги потроши ракометарите на Металург кои не успеаја да слават над екипата на Стеауа која за гостувањето во СЕХА лигата допатува со само десет играчи (осум ракометари и двајца голмани). Романскиот состав на крајот победи со 29:28 и заслужено понесе бодови од Скопје.
Но, регионалната пресметка се покажа дека е во втор план за двете екипи. Тренерот на Металург, Данило Брестовац, и покрај забелешките за лошата игра на своите ракометари, по мечот истакна дека тимот воопшто не се подготвувал за вечерашниот настап со оглед дека утревечер е домаќин на Спортинг Лисабон во седмото коло во Лигата на шампиони. Неговиот колега, пак, Михаил Овидиу рече дека дал поштеда за девет играчи кои останаа во Букурешт бидејќи ги очекува важен меч во домашното првенство.
Александар Шпенде со шест гола беше најефикасен кај металурзи за кои нова добра партија имаше и голмано Никола Даниловски кој го заврши натпреварот со 12 интервенции. Лидер во победничкиот тим беше Габриел Флореа со шест погодоци, по пет додадоа Мартин Јохансон, Марин Вегар и Октавијан Бизау.
Металург е деветти на табелата во СЕХА лигата со четири бода и во наредниот меч (27 ноември) ќе гостува кај екипата на Војводина.