Миле Јанакиески преку посредник барал да има средба со Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, дента кога Груевски на Фејсбук објави дека побегнал во Унгарија.
Во службената белешка која СЈО ја добило од МВР, и ја достави како доказ за барањето на притвор за Јанакиески, а во која НОВА имаше увид пишува дека „посредникот остварил средба со Претседателот Иванов, со цел да издејствува амнестија за сите лица против кои се водат судски процеси од страна на СЈО. На средбата, посредникот го замолил Иванов да ги амнестира сите лица од најголемата опозициска партија за кои се водат судски спорови, меѓу кои и Миле Јанакиески, кој бил иницијатор на средбата“.
Иванов бил категорично против предлогот и рекол дека нема намера да амнестира.
Обвинителството врз основа на оваа службена белешка дошло до сознанија дека обвинетиот презема дејствија за бегство, а опасноста се зголемува имајќи ги предвид видот и висината на запретените казни на обвинетиот, пишува во барањето за притвор.
Вчера изутрина, Кривичниот совет го прифати барањето на СЈО и му одреди 30 дневен притвор на Јанакиевски.
„Фактот дека на Јанакиески му е пренесена информација дека кај Претседателот нема расположение за амнестија, што Јанакиески ја сметал за последна шанса да избегне издржување на затворска казна, за советот е доволно уверување дека истиот веднаш ќе започне со организирање на бегство, пишува во образложението за одредувањето на притвор за Јанакиески.
Дополнителен аргумент за да му се одреди притвор на Јанакиески бил и фактот дека тој поседува повеќе банкарски сметки во странство.
Адвокатот на Јанакиески Еленко Миланов, по завршувањето на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ на СЈО за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски ја пренесе изјавата на Јанакиески.
-Ме замоли мојот клиент Миле Јанакиески, бидејќи не може да зборува, дека не се точни наводите во таа службена белешка на УБК оти испратил посредник кај претседателот Ѓорге Иванов за да преговара да му даде амнестија. Јанакиески и Иванов се долгогодишни куќни пријатели кои се посетуваат на разни семејни поводи години наназад. Според тоа, не му ни треба посредник за да се видат. На 13 ноември, завчера, Јанакиески лично отишол кај Иванов за да разговараат за документ кој е дистрибуиран кај лидероте на партиите и кај странските амбасади и тој не бил тајна. За каков документ се работи, немам податоци, рече адвокатот Миланов.
Јанакиески е обвинет во пет случаи на СЈО: „ТНТ“, „Титаник“, „Траекторија“,„ Топлик“ и во „Насилство во општина Центар“.