Жители на косовскиот град Качаник минатата ноќ јавно палеле производи по потекло од Србија, јавија српските медиуми.
Според истите извори, тие го снимале уништувањето на српските производи и потоа видео снимките ги објавиле на социјалните мрежи.
На снимките се гледа како присутните лица палат кутии полни со српски стоки, меѓу кои и кондиторски производи и средства за хигиена.
На едно од видеата маж вели дека се решиле на ваков потег по апелите за бојкот на српски производи.
По неуспехот на Косово да стане членка на Интерпол, Владата во Приштина вчера донесе одлука за зголемување на таксите за производите од Србија и Босна и Херцеговина за 100 проценти.
Косовските медиуми јавија дека по ваквата владина одлука во многу места поскапеле голем број производи, меѓу кои и лебот, брашното, маслото за јадење, солта и шеќерот. Само лебот поскапел за околу 30 проценти на 40 до 50 евро центи.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај изјави дека додека Србија не го признае Косово, не треба да се намалат царините, изјави , објави приштинскиот весник „Газета експрес“.
Само признавањето на независно Косово од страна на српската држава може да ги намали царините, посочи Харадинај во Парламентот.
Тој додаде дека косовскиот претседател преговара со Белград на поинаков начин, додека неговиот став е Косово „само со санкционирање може да добие признание од Србија“.
Без ваков пристап невозможно е да се постигне меѓусебно признавање ниту може да се постигне взаемно прифатлив договор, нагласи Харадинај.
Српскиот министер за трговија Расим Љаиќ изјави дека Белград настојува со политички средства и со политичко дипломатска борба да издејствуваат повлекување на овие, како што ги нарече, бесмислени и штетни мерки.
Според Љаиќ покрај далекусежните политички и други последици поради ваквата одлука на Приштина, тој наведува дека оваа мерка ќе создаде „рај за шверцерите, криминалците и оние кои ќе ја искористат оваа ситуација по заобиколни патишта и начини и шпекулативни работи да дојдат до голем профит“.
ЕУ итно ја повика Приштина да ги повлече.
– Денешната одлука на владата во Косово да ги зголеми царините врз производите од Србија и Босна и Херцеговина за 100 отсто е јасно нарушување на Централноевропскиот договор за слободна тргговија (ЦЕФТА) и на духот на Договорот за стабилизација и асоцијација, пишува во реакцијата на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Според Могерини, ова дополнително ја влошува ситуацијата по првичното воведување на десет отсто зголемување на царини минатата година, повикувајќи ја Владата во Косово „веднаш да ги повлече овие одлуки“.