Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние, утрово во Европскиот парламент порача дека е прерано да се проценат последиците од синоќешното отфрлање на Договорот за Брегзит во британскиот Парламент.
– Прерано е да се проценат сите последици од ова гласање, секогаш сме ја почитувале и ќе продолжиме да ја почитуваме демократската парламентарна дебата во Обединетото Кралство и нема да шпекулирам за различни сценарија. Она што вчерашното гласање го покажа е дека политичките услови за ратификацијата на Договорот за повлекување сѐ уште не се присутни во Лондон, изјави Барние.
Тој додаде дека треба да се продолжи да се бара пат напред за Брегзит и дека сега повеќе од било кога ЕУ стравува од неуредно истапување на Велика Британија од Унијата.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека жали поради исходот на гласање во британскиот Парламент и оти има уште време за преговори помеѓу Европска унија и Велика Британија за излез од европскиот блок.
Таа наведе дека ќе направи се за да се изнајде решение, како и дека Германија е подготвена ако не дојде до договор.
– Се уште име време за преговори, но сега чекаме да видиме кои се предлозите на британската премиерка, посочи Меркел.
За разлика од неа, Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Европска унија не би требало да преговара со Велика Британија за договор за излез на земјата од Унијата.
– Жал ми е поради исходот од гласањето за Брегзит во Долниот дом на британскиот Парламент. Во секој случај нема да има нови преговори за нов договор за повлекување, напиша Курц на Твитер.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон смета дека Велика Британија би била најголем губитник доколку излезе од Европска унија без договор.
– Прва опција излегување без договор. Тие велат: Нема договор. Тоа е застрашувачки за сите. Најголеми губитници во тоа би биле Британците, изјави Макрон по отфрлање на договорот за Брегзит во британскиот Парламент.
Тој очекува дека Лондон најверојатно ќе побараат дополнително време за повторни преговори за договорот.
Откако британскиот Парламент вчера го отфрли предлогот на премиерката Тереза Меј за Брегзит, за денеска е закажано гласање за недоверба на Владата, на барање на опозицискиот лидер Џереми Корбин.




