Младиот германски пилот, Мик Шумахер, син на легендарниот Формула 1 шампион, Михаел Шумахер, го одбра Ферари. Тој се придружи на академијата на тимот од Маранело во пресрет на дебитантската сезона во Формула 2 во која ќе одработи и два теста со првиот тим до крајот на 2019 година.
Шумахер јуниор во 2018 година ја освои титулата во европската Формула 3 и полека го гази патот кон слава на неговиот татко кој и по пет години се рехабилитира по тешкиот пад за време на скијање на француските Алпи во 2013 година. До трагедијата, Михаел Шумахер освои седум Ф1 шампионски трофеи од кои пет како возач на Ферари.