Централниот одбор на СДСМ, вечер на седница треба да одлучува за отпочнување постапката за номинирање претседателски кандидати и за можноста заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција минатата недела во Владата изјави дека десетина имиња се разгледуваат во редовите на СДСМ како можни кандидати за иден претседател, меѓу нив има Македонци, Албанци, Турци, Срби, се со цел да се пронајде личност која ќе биде најприфатливо и максимално консензуално решение.
Тој исто така рече дека дебатата за можноста за одржување претседателски заедно со предвремени парламентарни избори е отворена, и дека денеска ќе се одржи седница на Централниот одбор на СДСМ, кога може да биде донесена одлука, а постои можност таа да биде донесена и по неколку дена.
Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски потврди дека вечер веќе е закажан Централен одбор на партијата на кој што ќе ја отворат постапката во однос на кандидатурите, која согласно партискиот статут, ќе се води од најниско ниво, а на крајот ќе одлучува Конгресот на партијата во однос на утврдувањето кандидати.
Во однос на рокот кога СДСМ ќе го одржи Конгресот, Спасовски рече дека тоа ќе биде решено на утрешните седници на Централниот и на Извршниот одбор на партијата.
-Не би сакал да шпекулирам со датуми, но ќе знаеме точно со рокови кога и кои дејства ќе бидат спроведувани и кога би го знаеле кандидатот на СДСМ. Најважно е целата таа постапка да биде испочитувана, да ги погледнеме и истражувањата на јавното мислење. Нашиот претседател веќе најави дека имаме повеќе кандидати. Верувам дека ќе го направиме најдобриот избор, рече Спасовски изразувајќи уверување дека претседателот на РМ во наредниот мандат ќе биде од редовите на Коалицијата предводена од СДСМ.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Владимир Ѓорчев пред два дена официјално објави дека поднел кандидатура за претседателски кандидат од неговата партија.
Партиската кандидатура треба да биде потврдена на конвенцијата која ќе се одржи на 16 февруари во Струга.
Освен Ѓорчев на партискиот оглас кој е отворен до 31 јануари досега има пријавено уште еден кандидат за претседател кој е непознат за јавноста.
Претседателскиот кандидат ќе го бираат 550 делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ со тајно гласање на 16 февруари. За избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.




