Линдзи Вон реши да стави крај на скијачката кариерата. Легендарната американска скијачка ја донесе одлуката во 35. година од животот поради се почестите повреди, пред се тешко оштетените лигаменти на коленото. Последните нејзини трки се планирани на претстојното Светско првенство во алпско скијање во Аре на кое ќе настапи во супервелеслалом и во спуст.
„По многу непроспиени ноќи прифатив дека не можам да продолжам. Ќе се натпреварувам на Светското првенство во Аре и тоа ќе бидат моите последни трки во кариерата. Последните две недели беа емотивно исцрпувачки како никогаш досега во мојот живот. Се борам да ја сфатам реалноста што ми говори телото и да не ги слушам мозокот и срцето што ми кажуваат на што се сум подготвена. Ова е несреќна реалност во која мозокот и телото немаат исто мислење“, наведе Вон во обраќањето на социјалните мрежи.
Ѕвездената кариера на Вон беше исполнета со повреди. Четири пати се подложи на операција на десното колено, последната беше во пролетта лани, а лигаменти кинеше и на левото колено. Американката, која патем страда и од артритис, посакуваше оваа година да биде последна натпреварувачка, но нејзиното тело, како што и самата вели, ја спречи во тоа.
Во пензија заминува со четири победи помалку од легендарниот Ингемар Стенмарк кој ја заврши кариерата со 86 победи во Светскиот куп. Американката има седум одличја од скијачките мундијали и три од Олимпијадите. Во Пјонгчанг, Јужна Кореја, во 2018 година освои бронза со што стана највозрасна медалистка во историјата на Игрите.