Њу Ингланд Патриотс ја вратија шампионската титула во американски фудбал во клупските витрини по триумфот над Лос Анџелес Ремс со 13:3 во Супербол мечот што ноќеска се одигра на стадионот „Мерцедес Бенц“ во Атланта, Џорџија. Меѓу милионскиот ТВ аудиториум беше и претседателот на САД, Доналд Трамп кој најголемиот и најзначаен спортски и медиумски настан во земјата, како што рече, го гледал во друштво на 700 луѓе во одморалиштето „Мар а Лаго“ на Флорида. И самиот се пофали дека ја предвидел победата на „патриотите“ и нагласи дека во тимот постои „извонредна хемија“.
Супербол е спектакл по традиција во американското општество што ги привлекува сите возрасни категории и профили на луѓе. Полувремето е резервирано за настап на музички ѕвезди, а честа овојпат им припадна на раперите Тревис Скот и Биг Бој и групата „Марун 5“. Како што пренесува „Глас на Америка“, тие наводно се согласиле за учество во забавниот дел на натпреварот по услов НФЛ лигата да улати дел од средствата во хуманитарни цели.
Финалето за „патриотси“ беше трето во низа или 11 вкупно досега, бројка со која не може да се пофали ниту една друга екипа во конкуренцијата. Лани за титулата беа поразени од Филаделфија Иглс. За „ремси“, пак, беше четврти меч за престижниот трофеј до кој не успеаја против Њу Ингланд и во 2002 година.
Супербол е најгледан ТВ настан во САД секоја година. Американците се луди по финалето, па многумина организираат групно гледање на натпреварот во домашни услови. За многумина, пак, спортскиот дел и исходот е во втор план за сметка на маркетиншкиот дел и да се биде дел од него значи важен општествен статус. Специјално за настанот се подготвуваат посебни реклами иако цената за 30 секунди оваа година, според мрежата „Си-Би-Ес“, беше од 5,1 до 5,3 милиони долари.