„Ако се определите за Сапоро, Јапонците ќе ви понудат авион да скокнете до Токио. Ако се определите за Гетеборг, Швеѓаните ќе ви овозможат посета на фјордовите и пределите со огромни и дебели санти мраз. Ако, пак, се одлучите за Сараево и Југославија, ќе бидете дочекани со широки и искрени срца, топло, човечки, со нивните планини и снежни терени“, напиша британската новинарка, Пет Бесфорд во 1978 година пред изборот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за домаќин на зимските Игри во 1984 година.
Одлуката на ИОК падна на Сараево како прв, и засега единствен, град во овој дел од Европа што добил организација на ЗОИ. На денешен ден пред 35 години беше отворена 14. зимска Олимпијада. Свеченоста беше на стадионот „Кошево“ (познат и како „Асим Ферхатовиќ-Хасе“) и во наредните две недели Југославија, како федерација од шест републики меѓу кои и Македонија и две автономни покраини, беше центар на светот. Подготовките за настанот траеја шест години.
Маскота на Игрите беше волкот Вучко кој и денеска е симбол на главниот град на БиХ. Производ беше на словенечкиот дизајнер и илустратор Јоже Тробец, а Југословените имаа прилика да гласаат во изборот на маскота преку дневниот печат пришто, покрај малиот Вучко, како опции имаа и бодликаво прасе, верверичка, планинска коза, јагне и снежна топка.
Словенецот Јуре Франко тогаш беше прв Југословен со медал на зимските олимпијади. Го освои во велеслалом иако меѓу домашните адути за подиум беа и Бојан Крижај во слалом и Примож Улага во скијачки скокови.
Зимската Олимпијада во Сараево на едно место обедини 1.272 спортиста од 49 држави кои се натпреваруваа во алпско скијање, боб, санкање, уметничко лизгање, биатлон, хокеј на мраз, скијачки скокови и нордиско трчање.
Најуспешни на Игрите беа спортистите од поранешна Демократска Република Германија (ДДР) кои освоија 24 медали од кои девет златни, претставниците од поранешниот СССР се закитија со 25 одлучја, но само шест златни, Финците освоија 13 од кои четири најсјајни колку што имаше во осумте на Шведска и САД.
Игрите беа пресвртница во кариерите на легендарната Катарина Вит која ја претставуваше Источна Германија во уметничко лизгање, нејзиниот американски колега Скот Хамилтон и „летечкиот Финец“, Мати Никенен кој почина пред неколку денови во 55 година од животот.