“Интерарт културниот центар, внимателно ја разгледа ситуацијата во која што се најдовме, по објавувањето на годишната програма на министерството за култура, на која што ќе доставиме приговори, но сакаме како долгогодишен културен оператор, (центарот е оформен во 1996 година), да укажеме на одредени состојби, со цел да помогнеме во понатамошното делување во културата.
Сметаме дека неправедно е маргинализиран фестивалот Танц Фест Скопје, а сосема неразбирливо е укинат Скопје танцовиот театар. За успесите на фестивалот, мислам дека не треба да зборувам, бидејќи публиката во Скопје, Велес, Битола и Штип имаше можност со години, наназад, поточно, ова ќе биде јубилејна 15-та година на фестивалот, да гледа извонредни достигнувања од областа на танцот. Но, овој фестивал, не е само ревијален. Тој помогна во создавањето на современата танцова сцена во Македонија, промовира млади уметници и овозможува пласман на македонски уметници надвор. Фестивалот, со цел да даде признание на дејците и уметниците кои со години биле дел од создавањето и промоцијата на танцовата уметност кај нас, ја воведе единствената Награда за врвни достигнувања во областа нa танцот МЕНАДА, која, покрај доајените на танцовата уметност во Македонија, ја добија и светски признати уметници.
Скопје танцовиот театар, минатата година, седмата од своето постоење, имаше, би рекле, брилијантана сезона. Компанијата гостуваше на најпрестижни светски фестивали, (на некои од нив до сега не се прикажала ниту една компанија од целиот регион), на сцени во Хаг, Пекинг и Њујорк. Во Скопје танцовиот театар работат млади танчери „made in Macedonia“ кои се производ на единствената современа танцова академија за производство на танчери, едукативна програма на универзитетско ниво, која, слободно можеме да речеме, ја увезовме, од Холандија во партнерство со најпрестижната светска акдемија за современ танц од Ротердам, а со поддршка на амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. Затворањето на театрот, практично значи дека младите, кои ги обучивме по европски стандарди, ќе немаат можност за работа и креација во земјава и ќе бидат принудени да заминат, чин на делување, кој навистина не сакаме да се случи, бидејќи нели, се бориме младите тука да останат. Низ Скопје танцовиот театар во изминатиов период се промовираа и активно делуваа дваесетина млади танчери, чија егзистенција е комплетно загрозена во моментов. Театрот низ годините делува со минимална поддршка, која за жал се повеќе се намалува, а годинава комплатно изостана. Инаку, во театарот низ годините поминаа студенти и танчери од Македонија, Косово, Хрватска, Кина и Полска, а во моментов на стаж се двајца студенти/танчери од Швајцарија и една од Турција. Сето ова, дава јасна слика за квалитетот на Скопје танцовиот театар, квалитот на програмата која се создава и привлекува млади уметници од странство да дојадат во Македонија и тука да се обучуваат, што, не е вообичаена пракса кај нас, но е, повторно ќе нагласам, потврда за квалитетот на компанијата.
Мислам дека, по објавувањето на програмата и првичниот шок, беспредметно е од оваа позиција да се бавиме со ситуации на откривање и обвинувања, кој за кого бил, кој против кого. Програмата ја оценуваат комисии, а ја потпишуваат сите, заедно со министерот.
Затоа нашата порака е: НАПРАВЕТЕ КРИТЕРИУМИ!
Направете јасни критириуми, кои ќе бидат реални и мерливи. Консултирајте се со луѓето кои долги години работат во културата за да ви укажат на реалните суми и можните критериуми. Доколку ниеден сценско-изведбен проект во националните институции не добива сума под одреден лимит, тоа треба да важи за сите, посебно за независните оператори и театри. Доколку се работи за фестивали, не сметам дека е транспарентно само да се објави сумата, бидејќи, повторно е несватливо зошто некој добива поголема, т.е. помала сума.
Се додека не се работи според точно утврдени правила, секоја година ќе имаме скандали при објавувањето на годишните програми и незадоволство на сите страни; тие кои со години успешно работат ќе го изгубат ентузијазмот, младите кои треба да започнат ќе немаат точни насоки како треба да се развиваат низ создавањето проекти.
Кога оние кои ја практикуваат власта ќе се заземат вистински, а не декларативно, за создавање на правила кои и самите ќе ги почитуваат, сметам дека уметноста и културата ќе добијат шанса во Македонија”, пишува во писмото потпишано од Рисима Рисимкин, уметнички директор на Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар.
.