Триесет и шест повредени од автобуската несреќа кај Ласкарци се наоѓаат на лекување во Градската општа болница „8 септември“ и во Клиничкиот центар во Скопје. Од нив шест денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Во „8 септември“ остануваат 22 пациенти, од кои шестмина се на одделот за Интензивно лекување и кај двајца од нив во текот на ноќта се извршени операции.
Се работи за 15 годишно момче и 40 годишен маж, кои имаат повеќе повреди, а интервенциите се извршени во пределот на абдоменот. Како што соопшти директорот на ГОБ Христијан Костов, тие се во добра состојба, самостојно дишат, но се на одделот за Реанимација и нивната состојба се следи.
Двајца пациенти се уште се на респираторен систем уште од првиот ден кога се донесени и кај нив има повеќе повреди, но доминантни се на главата.
Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје се наоѓаат 8 пациенти, од кои четворица се на КАРИЛ, другите се на Неврохирургија, Торакална и трудницата е на Гинекологија. Како што изјави министерот за здравство Венко Филипче нејзината состојба е добра.
Најтешка е состојбата кај една млада пациентка, за која во тек се консултации за операција, поради тешката состојба со ногата. За останатите пациенти, Филипче рече дека се со повеќе повреди во пределот на градите, стомакот и главата, но во моментот за нив не е неопходна операција.
Во трагедијата што се случи во средата, загинаа 14 лица. Меѓу нив има студенти, пензионери и најголем дел се лица кои работеле во Скопје и се враќале кон своите домови во Гостивар и околните села.
Во земјата е прогласена дводневна жалост во чест на загинатите.
Јавното обвинителство вчера го заврши увидот на местото каде автобусот на Дурмо турс излета од патот и се преврта на спротивната страна. Следува истрага која треба да ги открие причините за трагедијата. Автобусот ќе се вештачи на Машинскиот факултет, за да се утрвди брзината со која се движел и дали бил исправен. Од досегашните сознанија е утврдено дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. Вешт наод и мислење треба да достави и Бирото за судски вештачења. Исто така, во текот на денот обвинителството ќе даде издаде и други наредби како што е проверка на листинзите на телефонот на возачот но и вештачење дали можеби користел други апликации за комуникација како вибер.





