Договорот од Преспа е знак на самодовербата меѓу двете земји и двата народа, победа на надежта над емоциите и победа на лидерството над дневната политика, рече министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров на панел дискусијата организирана од атинскиот универзитет „Пиерас“ на кој учествуваше по покана од поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.
„Ова не е чест случај бидејќи полесно е да не се допира проблемот или да се допре на начин што ќе донесе дневно политички поени. Тешко беше да се најде решение, компромис“, истакна Димитров во неговото обраќање на панелот посветен на Југоисточниот медитеран.
Министерот за надворешни работи се фокусираше на регионот порачувајќи дека „е време за земање на судбината во свои раце”, дека има голема историја на што сите се горди, но потребно е да се создаде иднина.
„Горди сме на нашата историја. Сé додека сум во политиката ќе работам да бидеме горди на она што ќе го постигнеме денес и утре“, порача министерот за надворешни работи.
Тој рече дека сите земји од регионот треба да бидат обединети, да работат заедно, „затоа што така ќе бидеме помоќни”. Се осврна на кризите со кои што се соочи и се соочува ЕУ и истакна дека „не треба да се дозволи истото да му се случи и на Балканот”. Затоа ја потенцира потребата од создавање на пријателства, за отворање врати и за посветеност на демократија во секоја од земјите.
„Му кажав на претседателот на Парламентот дека чувствувам како сега меѓусебно да се откриваме. Соседи сме и имаме бела страница што треба да почнеме да ја пишуваме“, рече Димитров пришто нагласи дека тоа ќе биде позитивна страница.
Министерот Димитров изрази надеж дека решавањето на прашањето за името треба да биде инспирација и за другите земји и истакна дека за регионот нема друга алтернативна опција од европската перспектива. Но, истакна дека не постои доволно дискусија за актуелните работи и проблеми како што се заминувањата на младите, невработеноста, здравственото осигурување и слично.
На панелот, заедно со Димитров учествуваа и поранешните министри за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Митов и Бушати.