Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска изјави дека партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан би требало да добие шестмесечна суспензија од членство во Европската народна партија (ЕПП).
Пред заминувањето за Брисел на средбата на ЕПП, Курц изјави дека ќе ја поддржи идејата на кандидатот на Европската народна партија за иден претседател на Еврокомисијата, Манфред Вебер за суспензија на Фидес за период од шест месеци.
Курц, кој е лидер на конзервативната Австриска народна партија (ОВП), изјави дека предлогот на Вебер го поддржуваат и германската Христијанско демократска унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел и нејзината сестринска партија, баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ).
ЕПП, која ги обединува демохристијанските и конзервативните партии од Европа, последниве месеци во неколку наврати ја критикуваше Фидес – Унгарска граѓанска алијанса на Орбан поради нејзината антимигрантска и деснопопулистичка реторика, како и поради политиките за контрола врз судството и медиумите и ограничување на работата на невладините организации.
Од вкупно 49 полноправни членки на Европската народна партија, 13 се залагаат за отстранување на Фидес, по неколкугодишните недоразбирања и конфликти.
Орбан ги нарече „корисни идиоти“ оние кои бараат исклучување на неговата партија Фидес од Европската народна партија (ЕПП) и додаде дека нивните напори им користат само на интересите на левицата.




