Велика Британија започна со издавање пасоши на чија корица веќе не стои „Европска унија”, иако одлуката за напуштање на Унијата се уште не е дефинитивна.
Издавањето на ваквите пасоши почнало на 30 март, ден откако, според првичниот план на премиерката Тереза Меј, Британија требаше да ја напушти унијата.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека пасоши на кои ќе стои ЕУ ќе се издаваат се додека има залихи, односно како што вели за „краток период”.
Но британска државјанка на социјалните мрежи објави дека го добила новиот пасош, на кој зборовите ЕУ се отстранети и покрај неизвесноста околу Брегзит.
Од Министерството одговараат дека „нема да има никаква разлика за британските граѓани дали користат пасош на кој стојат зборовите Европска унија или пасош без тоа и дека двата дизајни ќе бидат подеднакво валидни за патување.
Според планот, до крајот на годината, Британија треба да го врати и дизајнот на пасошите кои биле пред членството во ЕУ и наместо сегашните темно црвени корици, тие да бидат со темно сина боја.
В среда, одговор на барањето на Меј за одложување на Брегзит
Во меѓувреме Меј чека одговор од ЕУ на барањето за одлагање на Брегзит до 30 јуни. Портпаролката на ЕК Маргарита Схинас рече дека одговор може да дадат само шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ, кои ќе се сретнат в среда на 10 април во Брисел.
– Свесни сме за писмото што премиерката Меј утрово го испрати до претседателот (на Советот на ЕУ), Доналд Туск. Но, тоа е нешто на што одговор може да даде само Европскиот совет, изјави Схинас.
Тој нагласи дека не сака да прејудицира, предвидува или да ги интерпретира можните одговори и веќе искажаните коментари и ставови на разни претставници на ЕУ за можниот европски одговор на барањето на Меј.
Претседателот на Еврокомисијата. Жан-Клод Јункер минатиот месец веќе го одби претходното барање на Меј за одлагање на Брегзит до 30 јуни, нагласувајќи дека таквото пролонгирање би можело да ги наруши изборите за Европскиот парламент предвидени за крајот на мај.
Меј уште минатиот месец побара од лидерите на ЕУ одлагање на Брегзит до 30 јуни, кој првично беше предвиден за 29 март, но шефовите на држави или влади на членките на Унијата одобрија пролонгирање на напуштањето на блокот најдоцна до 22 мај, под услов Парламентот во Лондон да го прифати Договорот за британското истапување. Според таа одлука на Европскиот совет, доколку Парламентот не го прифати документот, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата на 12 април без договор.




