Британската премиерка Тереза Меј и германската канцеларка Ангела Меркел се согласија денеска во Берлин дека е неопходно да се обезбеди чисто, уредено излегување на Велика Британија од Европската унија, соопшти Даунинг стрит 10.
За време на 90-минутната средба, Меј и Меркел дискутирале за барањето на Лондон за одложување на Брегзит до 30 јуни, со опција датумот да се помести порано доколку Меј успее да го убеди британскиот Парламент да го ратификува договорот, кој таа го склучи со ЕУ.
Во соопштението од Даунинг стрит 10 се посочува дека Меј ги потенцирала чекорите кои Владата ги презема со цел да го доведе процесот на Брегзит до успешна реализација и ја информирала Меркел за тековните разговори со опозицијата.
По средбата со Меркел во Берлин, Меј отпатува во Париз на разговори со претседателот Емануел Макрон.
Што се однесува на денешната средба со Меркел, германските медиуми посочуваат дека по разговорите немало изјава за новинари, но дека по работниот ручек, двете лидери излегле прегрнати и насмеани.
Министрите за европски прашања го подготвуваат утрешниот самит посветен на Брегзит, каде од британската премиерка Тереза Меј се очекува да настапи со јасни барања, изјави главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.
– ЕУ е отворена за секаков исход од меѓупартиските преговори кои се водат во Лондон, истакна Барние.




