Министрите за европски прашања го подготвуваат утрешниот самит посветен на Брегзит, каде од британската премиерка Тереза Меј се очекува да настапи со јасни барања, изјави главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.
– ЕУ е отворена за секаков исход од меѓупартиските преговори кои се водат во Лондон, истакна Барние.
Како што јави МИА од Брисел, министрите ја поздравија и одлуката на британската премиерка да остави простор за учество во изборите за Европскиот парламент, доколку Брегзит се одложи до 30 јуни, но нагласија дека „важни прашања се уште остануваат не одговорени“, за кои утре шефовите на држави или влади на ЕУ ќе бараат одговори од Меј.
Европската Унија полага голема надеж во тековните преговори што Меј ги води со лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин и е подготвена да се прилагоди на можни нови барања од британска страна.
– Од овој меѓупартиски дијалог, кој е нов елемент, може да излезе некое барање кое сме подготвени да го прифатиме и примениме за идното партнерство, рече Барние, потсетувајќи, меѓутоа, дека претходно мора да биде одобрен договорот за повлекување од ЕУ, кој до сега парламентарците три пати го отфрлија.
Конкретно, од преговорите со лабуристичката опозиција би можело да произлезе барање за останување во европската царинска унија, бидејќи тоа е ставот на мнозинството членови на партијата на Корбин. Секое ново барање од Британците мора, секако, да биде во согласност со европските начела, потсети главниот европски преговарач.
– Подготвени сме за неколку дена, неколку часа, да ја подобриме политичката декларација, но барањата кои ги очекуваме од Обединетото Кралство во рамките на овој дијалог ќе мора да ги почитуваат темелните принципи на ЕУ: интегритетот на внатрешниот пазар, автономијата на одлучување на 27-те земји членки и неделивост на четирите слободи, изјави Барние.
Меј утре ќе им се придружи на европските лидери на самитот во Брисел, каде ќе треба и да го образложи своето барање за одлагање на Брегзит до 30 јуни, барање на кое за сега се противат неколку земји членки на ЕУ, како Франција.
– Пролонгирањето е прашање кое е одговорност на лидерите утре, но тоа мора да биде корисно, ако треба да дадеме повеќе време, ако е потребно за да успее политичкиот процес, времетраењето на одлагањето, долго или кусо, мора да биде пропорционално на целта, треба да служи на некаква цел, предупреди Барние.
Европската Унија стравува од одолговлекување на преговорите за Брегзит во недоглед, оценувајќи дека процесот на истапување на Велика Британија троши време и енергија ана институциите на ЕУ на штета на други важни прашања.
Можен втор референдум за Брегзит
Во меѓувреме, лондонскиот весник „Дејли Телеграф“ објави дека британската премиерка Тереза Меј ја разгледува идејата да му предложи на Парламентот во Лондон да распише втор референдум за Брегзит.
Според весникот, промената на ставот на Меј, која досега беше категорично против нов референдум, доаѓа во време кога таа се обидува да постигне компромис со лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, со цел лабуристите да го поддржат усвојувањето на Договорот за Брегзит во Парламентот.
Сепак, како што посочува „Дејли Телеграф“, многу лабуристи, вклучително и самиот Корбин, не ја поддржуваат идејата за втор референдум за Брегзит.
Меј со обидува да обезбеди усвојување на овој документ во Долниот дом на Парламентот, со цел да избегне Брегзит без договор на 12 април. За истата цел, Парламентот синоќа усвои закон со кој се обврзува Владата да побара од лидерите на ЕУ ново одлагање на Брегзит.
Владата на Меј беше против овој закон, бидејќи тој може да го ограничи нејзиното поле за маневри во преговорите со лидерите од ЕУ.
Парламентот денеска ќе расправа за тоа до кога да се пролонгира рокот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.
Меј инсистира Брегзит да биде одложен до 30 јуни, за што и официјално поднесе барање до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. За оваа барање на Меј, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе расправаат на утрешниот Самит во Брисел.




