Докторка и болничарка на Клиниката за неврологија пред два дена заболеле од морбили, дознава НОВА. Двете вработени најверојатно се заразиле од пациентка која пред две недели била хоспитализирана поради слабост во нозете. Таа била негователка во една од скопските градинки, а осипот се појавил додека престојувала на Клиниката.
Поради оваа ситуација, утринава на сите вработени на Неврологија им била земена крв за анализа за да се утврдат антителата во крвта, по што ќе се вакцинираат тие што ги немаат. Информацијата на НОВА ја потврди директорот Иван Барбов.
„Веднаш штом се утврди дека се работи за морбили пациентката беше изолирана, а кога се утврди дека симптомите се од морбилите и состојбата се подобри, беше испишана од клиниката. Ние веднаш ја известивме градинката и Институтот за јавно здравје. Во меѓувреме, се разболеа двете вработени“, изјави за НОВА Иван Барбов, директор на Клиника за неврологија.
Тој вели дека не се сигурни дали вработените се заразиле од пациентката бидејќи тие одат и на конзилијарно мислење на други клиники, така што опасноста демне од сите страни. Барбов потенцира дека и покрај тоа што е забранета посета кај болните, граѓаните не ја почитуваат, така што на секое дежурство имаат проблеми и расправии.
На Клиниката за неврологија се хоспитализирани тешко болни пациенти, најчесто со мозочни удари за кои евентуалната зараза со морбили може да биде фатална.
На Клиниката за детски болести во моментот има четворица заболени од медицинскиот персонал, а хоспитализирани се десет деца со морбили. Едно од нив е во тешка состојба и е приклучено на респиратор, потврди за НОВА, Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести.
На Клиниката за инфективни болести моментално има 45 пациенти, а едно дете е на интензивна нега и е поставено на механичка вентилација.
Состојбата е слична и на другите клиники и можност за зараза постои за персоналот и пациентите секаде.
Во епидемијата со мали сипаници регистрирани се вкупно 122 случаи кај медицинскиот персонал во здравствени институции, потврдуваат во Институтот за јавно здравје.
„ Нашите екипи одат на терен да ги вакцинираат децата, наставниот кадар кој сака може да дојде да се вакцинира кај нас. Инаку, ќе се вакцинираат и лекарите и другиот медицински персонал , како и студентите на медицина, фармација и стоматологија. Може да се вакцинираат сите на возраст од 14 до 60 години“, изјави за НОВА, Стојанов.

Инаку, од 13 април до денеска во државата се регистирани 121 заболен од мали сипаници (лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска), што е за пет помалку од претходната недела кога беа пријавени 126 случаи, се наведува во Извештајот на Институтот за јавно здравје.
По спроведената засилена вакцинација, вакцинирани се 20.244 деца на возраст до 14 години, од нив 12.468 се вакцинирани во Скопје. Сепак, остануваат уште 22.612 невакцинирани деца на возраст до 14 години. Од ИЈЗ потенцираат дека треба да се засили вакцинацијата на предучилишните деца во другите градови каде што од 19.494 невакцинирани, вакцинирани се само 5.129 деца.
Од Институтот посочуваат дека имајќи го предвид сѐуште големиот број на осетливо население кај децата до 14-годишна возраст, големиот број на градови каде се регистрирани случаи на мали сипаници, високата можност од зараза и раздвиженоста на населението, постои голема веројатност за натамошно ширење на епидемијата во наредниот период и во други градови во кои досега немало регистрирано случај.
НОВА, упати прашање до Министерството за здравство дали епидемијата, односно вонредната состојба во државата важи и за митинзите и јавните собири, но до објавување на текстот не добивме никаков одговор.
Од почетокот на епидемијата во декември 2018 година заклучно со денеска во државава се регистрирани вкупно 1.081 случај на морбили. со инциденца од 52,2 на 100.000 жители.
Регистрираниот број од мали сипаници се највисоки споредено со последните 20 години.
Она што е фрапантно е дека 75 отсто од заболените со морбили се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Во епидемијата на Скопје регистрирани се три смртни случаи кај деца на возраст до 5,5 години, сите биле невакцинирани со МРП вакцина. Кај две од децата постоеле и друга примарна болест, а сите три деца се починати од бронхопневмонија како компликација на заболување со мали сипаници.
Остануваат да важат на сила мерките препорачани од Комисијата за заразни болести и наредбите од Министерството за здравство, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.