Поранешниот претседател на Црна Гора и премиер на Сојузната влада на Србија и Црна Гора, Момир Булатовиќ почина во Кучи во 63 година од животот. Момир Булатовиќ потекнува од официрско семејство. Честопати се селеше природата на работата на неговиот татко, па основно и средно училиште заврши во Задар. Дипломира на Економскиот факултет во Подгорица каде подоцна стана асистент по предметот Политичка економија по што се стекна и со титула магистер по економски науки.
Со политика почна да се занимава во младинска и студентска организација. Во 1989 година беше избран за претседател на Претседателството на СК Црна Гора, а претседателски мандат на Црна Гора доби на првите повеќепартиски избори во 1990 година.
По осум години на чело на државата и судирот во врвот на Демократската партија на социјалистите, чиј претседател беше од нејзиното формирање, Булатовиќ беше поразен на новите претседателски избори од неговиот дотогашен соработник и црногорски премиер, Мило Ѓукановиќ, потсетуваа подгорички „Вијести“.
Во 1998 година ја прифати понудата на Слободан Милошевиќ да биде сојузен премиер на заедницата Србија и Црна Гора, функција што ја извршуваше неполни две години. Ја имаше непријатната должност да прогласи состојба на непосредна воена опасност, а потоа и воена состојба во рамки на НАТО бомбардирањето на СРЈ во 1999 година.