Дури 10 проценти од странските затвореници во Велика Британија се Албанци. Нивниот број се зголемил за пет пати во последните десет години, потиснувајќи ги затворениците од полска или романска националност, пренесува телевизија „Ора Њуз“ од Тирана.
Британската полиција, како што наведува телевизијата, потврдува дека албанските банди се најопасни во Велика Британија и нивна главна дејност е трговија со дрога, поточно кокаин.
„Секој десетти странски затвореник во Велика Британија е Албанец. Албанците го контролираат пазарот на кокаин во земјата и се најбројни затвореници по самите Британци. Тие ги надминаа и Полјаците во однос на бројот на странски затвореници во Британија“, наведува телевизијата повикувајќи се информации од британското Министерство за правда.
Во јуни во 2018 година имало 876 албански затвореници или 401 повеќе во споредба со нивниот број во 2015 година. Пред една деценија, пак, во британските затвори имало 166 Албанци.
„Бројот на затворениците Албанци бележи постојан раст во изминатите неколку години. Тие се најбројни странски затвореници во британските затвори, на второ место се Полјаците, потоа Романците, Ирците и емигрантите од Јамајка. Осудени се главно за кривични дела дела шверц на дрога“, додава „Ора Њуз“.
Само во изминатите два месеца, властите уапсиле неколку организирани групи Албанци кои дистрибуирале кокаин вреден повеќе милиони фунти преку услугите на „call center“, а потоа се фалеле по социјалните мрежи со огромните приходи од нивната криминална дејност.