Кривичниот суд денеска и го продолжи притворот на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева за уште 30 дена.
Таа од 21 август се наоѓа во притвор во истражниот затвор Скопје и сегашната мерка притвор и истекува в петок.
-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор определена со решение на судија на претходна постапка од 21.08.2019 година за К.Ј., по разгледување и ценење на предлогот, донесе решение со кое го уважи предлогот и ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т.1 и 2 од ЗКП, соопштија од Кривичниот суд.
Во однос на поднесениот предлог од одбраната на Јанева за укинување на мерката притвор и определување поблага мерка за обезбедување присуство со понудена гаранција доставена до судија на претходна постапка, истиот е испратен на мислење кај надлежен јавен обвинител, а по донесена одлука на судот, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени.
Адвокатката на Јанева Ирена Фрчковска вчера најави дека ќе бара укинување на мерката притвор за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Таа посочи дека бараат Катица Јанева да се брани од слобода, за што предложиле и други мерки за обезбедување, како и гаранција во недвижен имот.
Советот на јавни обвинители во саботата навечер на вонредна седница ја разреши Јанева од специјална јавна обвинителка, откако Собранието едногласно го изгласа предлогот.
Советот вчера го ставил вон сила решението со кое на Катица Јанева и мируваше позицијата во Јавното обвителство во Гевгелија. Ова значи дека Јанева не само што е разрешена од шеф нА СЈО тукУ повеќе не е ниту јавен обвинител.
Таа е осомничена дека посредувала во Рекет односно дека му го олеснила статусот на осомничениот бизнисмен Јордан Камчев во случајот „Империја“ за што прибавила материјална корист.




