Шведската тинејџерка Грета Тунберг, една од најгласните борци против климатските промени синоќа во Обединети нации им одржа лекција на светските лидери.
Како една од говорниците на специјалниот Самит за климата, на кој беа поканети само оние држави кои имаат план за намалување на емисијата на штетни гасови, таа им пораќа на светските лидери дека доколку одлучат да ги изневерат младите генерации, тие никогаш нема да им простат.
– Ова е погрешно. Не треба да стојам овде. Треба да се вратам во училиште, на другата страна од океанот. Ги украдовте моите соништа и моето детство со вашите празни зборови. А сепак, јас сум една од среќните. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Целиот екосистем се распаѓа. Ние сме на почетокот на масовно истребување. И сè за што можете да разговарате се пари и бајки за вечен економски раст. Како се осмелувате!, порача Тунберг во емотивното обраќање.
– Повеќе од 30 години науката е кристално чиста. Колку се осмелувате да го вртите погледот настрана и да дојдете овде велејќи дека работите доволно, кога политиката и потребните решенија сè уште ги нема на повидок. Велите дека нè „слушате“ и дека ја разбирате итноста. Но, без оглед колку сум тажна и лута, не сакам да верувам во тоа. Затоа што ако ја разбравте целосно ситуацијата и сè уште продолжувавте да преземете активноси, тогаш сте злобни. И јас одбивам да верувам во тоа, рече Тунберг со растрепен глас.
Таа потсети на доколку се намалат емисиите на стакленички гасови за половина во следните 10 години, тогаш човештвото би имало 50 отсто шанси да остане под 1,5 Целзиусови степени, но ризик од неповратен синџир на реакции, кој луѓето нема да можат да го контролираат.
– Можеби 50 отсто шанси е прифатливо за вас. Но, тие бројки не вклучуваат точки на пресврт, како што е дополнително затоплување скриено зад токсичното загадување на воздухот или аспектите на правдата и правичноста. Тие исто така се потпираат на тоа дека мојата и генерацијата на моите деца ќе вшмукаат стотици милијарди тони од вашиот СО2 од воздухот со технологии кои едвај постојат. Значи, ризикот од 50 отсто едноставно не е прифатлив за нас – ние кои треба да живееме со последиците, потенцираше Тунберг.
– Како се осмелувате да се преправате дека ова може да се реши со вообичаени деловни активности и со некои технички решенија. Со денешните нивоа на емисии, преостанатиот буџет на СО2 целосно ќе го снема за помалку од осум и пол години. Нема да има решенија или планови презентирани во согласност со овие бројки денеска. Бидејќи овие бројки се премногу непријатни. И, сè уште не сте доволно зрели да ги именувате нештата какви што се, оцени младата активистка.
– Вие нè изневерувате. Но, младите почнуваат да го разбираат вашето предавство. Очите на сите идни генерации се вперени во вас. И ако изберете да нè изневерите, ви кажувам – никогаш нема да ви простиме. Нема да ви дозволиме да се извлечете од ова. Токму тука, токму сега ја повлекуваме линијата. Светот се буди. И промената доаѓа, без разлика дали ви се допаѓа или не, истакна Тунберг на Самитот на ОН за климатските промени.
Фокс њуз: Тунберг е ментално болно дете, лик од хорор филм
По нејзиниот говор во ОН, Тунберг се соочи со лавина критики и навреди и на социјалните мрежи, но и на медиумите. Во навредите предводеше американската телевизија „Фокс њуз”, блиска до републиканците од чии редови е и Трамп, која ја нарече шведската активистка „ментално болно шведско дете” додека водителка на телевизијата ја спореди со лик од хорор филмот „Деца од пченката”.
Во својата емисија синоќа на „Фокс њуз” Лора Инграм ја нападна Тунберг, споредувајќи ја малолетната девојка со протагонистите од филмуваната хорор приказна на Стивен Кинг во која деца на христијански фундаменталисти ги убиваат сите возрасни во сектата.
-Дали вас ова не ви предизвикува морници, запраша Инграм покажувајќи сцена од филмот. Таа порача авторот „следното продолжение на филмот да го нарече Деца од климата”.






