Сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, утре ќе допатува во официјална посета на Република Северна Македонија. За време на престојот во Скопје, високиот гостин од Виена ќе оствари средби со својот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров, со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.
На средбите ќе бидат разменети мислења за севкупните билатерални односи, економската и трговската соработка меѓу Северна Македонија и Австрија, како и за европската перспектива на нашата земја. Исто така ќе бидат разменети и мислења за регионалната соработка, состојбите во ЈИЕ и други актуелни регионални и меѓународни прашања, се додава во соопштението на МНР.