Управата за јавни приходи најави кривични пријави против три правни субјекти кои директно или индиректно се поврзани со првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски. Поради сомнежи за затајување на данок, од УЈП велат дека пријави ќе бидат поднесени против невладината организација „Меѓународен сојуз“, компанијата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“ и против „Томато продукција“ во чии простории е сместена телевизијата. Според даночните власти, овие три субјекти затаиле околу 20 милиони денари, односно околу 325.000 евра данок.
УЈП при контрола во Меѓународниот сојузи во кој претседател беше токму Боки 13, утврдила дека не се приложени документи за ваучерите за помош на социјално загрозени семејства.
Парите од договорите склучени меѓу Сојузот со „Дрим Билдинг“ и ГП „Пелистер“ за изградба на старечки домови биле префрлени на физички лица односно кај заменик претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ и кај пензионерката Лилјана Тодоровска. Јовановски одбил да го потпише записникот од контролите на УЈП со образложение дека поднел оставка како претседател на Меѓународниот сојуз.
Од УЈП информираат дека врши контрола во уште една фирма, која била поврзана со овие три фирми и дека ќе направи контрола на физичките даночни обврзници што работеле со овие фирми.
При контролите во 1ТВ се појавило и лице кое се претставило како иден сопственик на телевизијата, но не сакаа да го откријат и неговиот идентитет.
Минатата недела случајот „Рекет“ доби нов тек откако истрагата се прошири на уште четири лица, за перење пари, измама и помагање во измама . Меѓу новоосомничените се потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, почесен претседател на Меѓународниот сојуз, потпретседателката на овој Сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски, Христина Блажевска и Бојан Јовановски кој е осомничен за нови кривични дела.
Потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ е во домашен притвор, додека за останатите, судијата на претходна постапка одлучи на Ременски да и биде одземен пасошот и има забрана за напуштање на живеалиштето. Истата мерка е и за Миле Јовановски, додека за Христина Блажевска само мерка привремено одземање на пасош.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески изјави дека предметот „Рекет“ не е целосно исцрпен и дека Обвинителството работи на утврдување факти и околности и за други две – три дејства.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинение за „Рекет“ против Јовановски, Милевски и Катица Јанева.
Јовановски и Милевски се товарат за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, a Јовановски и за „Перење пари и други приноси од казниво дело “. Јанева се товари дека сторило кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.




