На Клиниката за токсикологија ноќеска се примени 29 пациенти во алкохолизирана состојба од кои најмладиот имал 14-годишник, а највозрасниот 63 години. На Ургентниот клинички центар пак биле прегледани 105 пациенти.
„Оваа година за среќа немаше предозираност со психоактивни супстанци. Сите пациенти по неколкучасовниот престој и третман на Клиниката се пуштени дома, изјави Ирина Јуруков од Клиниката за токсикологија.
Кај 14-годишниот пациент, како што рече Јуруков, констатирано е лесно алкохолно труење кое кај млади лица може да настане само од една чашка алкохол.
Директорот на Ургентниот клинички центар, д-р Алберт Леши изјави дека во текот на изминатите 24 часа на Ургентен биле прегледани вкупно 105 пациенти. Тринаесет од нив се примени на хируршките клиники, шест биле со повреди во сообраќајни незгоди, тројца пациенти со повреди од пиротехнички направи и еден пациент бил донесен од Градската општа болница „8 Септември“ со повреди од остар предмет.
Леши додаде дека во споредба со претходната година бројот на примените пациенти е многу помнал. Пациентот, кој бил донесен од ГОБ „8 Септември“ во Ургентниот центар околу 18 часот во алкохолизирана состојба, се здобил со повреди од остар предмет при семејна расправија.