Одбивањето на предлог законот за дроги од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кој побара тој да се одложи за периодот по изборите, е штетно за економијата. Со законот се регулира и конопот, се регулираат многу други дејствија кои му даваат на министерот овластување да ги донесе и другите подзаконски акти кои се есенцијално битни за да се види бенефитот од оваа индустрија. Штетно е ако не се донесе овој закон, вели Костадин Дуковски првиот човек на Здржението на одгледувчи на медицински канабис Макканабис за Утрински Брифинг.
На прашањето какви ќе бидат следните чекори Дуковски вели дека иако првично било на шега кажано дека ќе го истурат канабисот пред влада, сепак можно е тоа да се случи – или пред влада или пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него несфатливо е како пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ги гледаат придобивките од индустријата која на дневно ниво се развива во светот и добива се поширок размер во лекувањето на тешко излечивите заболувања каде класичната медицина не покажува големи резултати. Со недонесувањето на законските измени, нагласува тој, се создава ризик од затворање на една цела стопанска гранка и дава негативен сигнал за домашните и странски инвеститори.
Сосема спротивно на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, тврдат од Макканабис, со законот ќе се воспостави целосна контрола над производството, злоупотребата и употребата за медицински цели на опојните дроги и психотропни супстанции, а со тоа и заштита на животот и здравјето на луѓето и ќе се овозможи домашните производители на канабис за медицински цели да го извезуваат својот производ на светските пазари.
Со новиот Предлог – закон се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко, при тоа почитувајќи ги меѓународните Конвенции и европското законодавство што ја рагулира материјата.
Досега во Македонија одобрение за одгледување на канабис за медицински цели по претходно добиена согласност од Владата имаат добиено 29 фирми кои се затрупани со сув цвет, а само тр-четири од нив засега имаат инвестирано во сопствени погони за екстракција на масло од канабис.
„Дозвола за извоз на сув цвет како краен производ е спасоносното решение за поновата производствена гранка. Постои опасност 740 луѓе да останат на улица“, рече неодамна Дуковски.
Интересот за инвестирање на канабис за медицински цели е поради поволната бизнис клима, како и ефтината работна сила на пазарот на трудот. Интересот е зголемен и поради рапидно зголемената цена на светската берза на маслото од канабис и сувиот цвет од растението канабис. Целта на донесувањето на нов закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции е спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, спречување на недозволено производство и промет на опојни дроги, психотропни супстанции и растенија од кои може да се добие опојна дрога, и супстанции кои можат да се употребат за производство на опојни дроги или психотропни супстанции и заштита на животот и здравјето на луѓето и контрола на употребата и на квалитетот на опојните дроги и психотропните супстанции.