Нема увоз на штетен отпад во државата. Она што се случува во Бугарија го следиме, има многу информации и апелирам да се проверуваат, посебно кога се работи за сензитивна материја како оваа, за животната средина, порача денеска техничкиот премиер, Оливер Спасовски.
Одговорајќи на новинарски прашања при посетата на новата операциона сала на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, тој напомена дека и Јавното обвинителство покрена постапка за испитување на наводите во јавноста за наводно увезување штетен отпад во земјава.
„Од Министерството за животна средина и просторно планирање имаме информација дека се увезува отпад што е дозволен и за кој се поседуваат одредени сертификати, дека нема штетен отпад што се увезува во државата. Добро е што Град Скопје презема чекори за средување на состојбите. Институциите тоа мора да го следат. Мора да ги јакнеме капацитетите во смисла на лаборатории како можност за испитување на сé она што влегува во државата и сите заеднички да направиме максимум за подобрување на животната средина, истакна премиерот.