Петте приватни телевизии со национална концесија ги покриваат настаните на владини функционери, но без тонски парчиња во прилозите. Ваквата појава е присутна во последните два-три дена, но раководствата на дел од ТВ куќите засега без одговор по ова прашање. Потегот го образложуваат со „уредувачка политика“ и нагласуваат оти не станува збор за бојкот.
И Владата се произнесе по нејасниот потег на телевизиите и неофицијално потврди дека е настанат проблем во комуникацијата. Од каква природа е истиот не прецизираат, освен дека разликите ќе се пеглаат со дијалог.
„Сите решенија ќе бидат донесувани во најтесна соработка и со учество на медиумските претставници, во насока на остварување на примарната должност на медиумите за континуирано, независно и слободно информирање во интерес на општеството и граѓаните, и согласно нивните обврски што произлегуваат од одобрените лиценци за работа“, велат од Владата.
Вицепремиерот за европски прашања во Владата, Бујар Османи нагласи дека очекува добра соработка со медиумските претставници во предизборниот период и истовремено порача оти не сака да се меша во работата на медиумите.
„Веројатно ќе има некаква комуникација меѓу институциите во овој дел. Не би сакал како претставник на Владата да се мешам дали медиумите ќе дадат од тоа што ние го правиме како активност. Мислам дека е во јавен интерес ова што го правиме, но нивно право е како ќе ги и претстават настаните“, изјави Османи кој по средбите во Државната изборна комисија (ДИК) и во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), денеска беше во посета и на АВМУ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) стои настрана од комуникацијата на релација медиуми – Влада. Нејзиниот директор, Зоран Трајчевски истакна дека АВМУ не располага со информации за евентуален бојкот на телевизиите.
„Не можеме официјално да кажеме дека постои бојкот. Ниту има таква најава, ниту изјава од медиумите. Колку што гледавме изминатите денови, има извештаи за активности на владини функционери, меѓутоа многу често одат без тонски парчиња“, вели Трајчевски.
Настрана стојат и новинарските здруженија во земјата. Нивниот став е дека не сакаат да се мешаат во односите на газдите на ТВ куќите и Владата, но, истовремено, истакнуваат дека правото на информирање на граѓаните е неприкосновено и бараат од телевизиите и Владата да дадат објаснување на новонастанатата појава.