Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека ќе форсира почетокот на преговори за членство во ЕУ за Северна Македонија и Албанија на Самитот на Европскиот Совет кој ќе се одржи на 26 март во Минхен.
„Пред сè сакаме да постигнеме договор на следниот состанок на Европскиот Совет во март за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“, изјави Меркел на средбата со албанскиот премиер Еди Рама, кој денеска престојува во официјална посета на Германија.
Обете земји, дополни Меркел, постигнаа многу. „Сега ние напорно ќе работиме за да ги оствариме посакуваните резултати во март“, вели германската канцеларка.
Таа појасни дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан не е во интерес само на тие земји, туку и на цела ЕУ.
„Кој е запознат со геополитичките односи, тој знае дека е добро еден ден и државите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ“, потенцираше Меркел.
Потсетувајќи дека и на последниот Самит во Берлин Германија се залагаше за деблокада на преговорите со Албанија и Северна Македонија, Меркел најави дека официјален Берлин и натаму интензивно ќе работи на тоа прашање со цел во март да се добијат посакуваните резултати.
Неодамна Меркел и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изразија надеж дека ќе дојде до напредок во отворањето пристапни преговори со Скопје и Тирана на Самитот на ЕУ во мај.
Претседателот на ЕС, Шарл Мишел минатата седмица рече дека Унијата во слендите недели ќе води интензивни разговори за тоа на кој начин во иднина ќе се води процесот на проширување, откако во октомври францускиот претседател Емануел Макрон не даде зелено светло за почеток на преговори се додека не се реформира методологијата.
Албанскиот премиер Еди Рама по средбата со канцеларката рече дека таа го поддржува балканскиот „мини Шенген” и е убедена дека тој процес ќе најде поголема поддршка.
Рама за албанскиот Топ Чанел изјави дека Меркел ја смета таа иницијатива за многу важна, како и фактот дека три држави се приклучиле кон неа. За да биде сеопфатна се очекува да и се придружат и други земји од регионот.