Бруталната ксенофобична навреда упатена од помлад човек со очигледно длабоко контаминирана свест кон Азијци, повторно ја отворија дилемата во јавноста – дали се изолирани инциденти или треба да се опсервираат како интегрален дел од радикалните општествени џебови кои може да експлодираат и да се претворат во масовна појава.
Тоа што Азијците, како што објави и градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, не биле Кинези, туку Јужнокорејци (членови на невладина организација кои, каква иронија, во училиштата во овој град држеле предавања за мир и пријателство) веројатно е помалку битно за напаѓачот. За него косите очи беа доволен повод да ја изложи исправено и храбро со два-три клика сета своја омраза пред очите и ушите на јавноста. Да им каже гордо, зачинето со сочни пцости, „мрш на короништава“, искористувајќи ја епидемијата на корона вирусот да си го покаже сиот свој цивилизациски хендикеп. Ваквата гласна ксенофобија е, секако, хорор верзија за нормалниот дел од овдешната популација.
Упатените во проблемот велат дека говорот на омраза и нетрпението кон различностите не смее да се третира само како прашање од вербална – бенигна гледна точка, односно да се третира како издувен вентил. Или терапевтски говорен чин.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека не е изненадена од испадот со оглед на сопственото искуство во однос на толеранцијата и овдешната свест кон различностите, земајќи го притоа како аргумент и периодот кога голем број луѓе во земјава во бегалците најдоа простор за проекција на своите општи животни паранои.
„Проблемот во случајов е расната припадност на луѓето. Говорот на омраза, дискриминацијата, ксенофобијата, за жал, не е нешто што досега не сме го виделе. Првата асоцијација кога дознав за случајот ми беа проблемите со кои што ние се соочувавме за време на бегалската криза. Јас, на пример, бев избркана од сопственик на ресторан во Гевгелија затоа што се обидов да влезам и да седнам со едно детенце од Сирија. Тоа се случи уште пред да биде оформен кампот, кога интензивно ги следевме тамошните состојби“, вели Пировска.
Таа не сака да генерализира, но вели дека загрижува бројот на случаи кои најчесто се на етничка основа како вчерашниот. Тие претставуваат потенцијална опасност од можни инциденти во иднина.
„Тие факти несомнено укажуваат на тоа дека свеста на граѓаните во тој контекст е на многу ниско ниво. Своевиден доказ за тоа се и разно разните сценарија кои се пласираа во јавноста со цел да се создаде страв за време на бегалската криза. Се пропагираше дека тие луѓе тука ќе се населат, ќе не претопат, освојат. А сето тоа се должеше само на фактот дека имаат различна боја на кожа и поинаква религиска припадност. Верувам дека да беа христијани и припадници на белата раса немаше да го имаме тој проблем. И тоа отворено треба да се каже“, вели Пировска.
Можеби некому зборовите на Пировска ќе прозвучат како некаква хиперболизација на проблемот, но како да се разбере потресната исповед на мајката чии три деца минатата година беа нападнати поради црната боја на кожата.
„Син ми Нишон (13г.) и неговите брат и сестра (9г.) одејќи кон музичкото училиште, на плоштадот „Македонија“ во родниот ни наш град Скопје, биле нападнати вербално на расна основа од страна на двајца млади мажи околу 20г. Им го попречувале патот и ги нарекувале „Niggers”. Син ми, Нишон е удрен со многу силна тупаница по главата (повреден) поради тоа што ги прашал дечките зошто ги навредуваат и дали тоа го прават на секој поразличен физички од нив“, пишува на својот фејсбук профил мајката на децата. Милена А. Милошевска нагласувајќи го она уште пострашното – дека имало луѓе наоколу, но никој ништо не сторил во моментот.
Таа вели дека нема да дозволи повеќе да бидат вербално и физички напаѓани без никаква основа, а никако па на расна основа.
„Значи навреди како: „Nigger”,„Црнчуго”, „Циган”, Црн ко го..о” не се забавни и нема да пројдат онака“, порача Милошевска.
Според познавачите, не само кај нас туку и во светот, се јавуваат нови облици на национализам и ксенофобија. Тие се разликуваат од досегашните по тоа што се привидно помалку агресивни и во принцип не се насочени кон освојување, туку на затворање и заштита на она што е стекнато. Но, тоа е расистички волк во граѓанско крзно – како што го опиша овој феномен еден германски аналитичар за време на бегалската криза. Во стравичната криза на вредности за краток период во земјава како нус појава се изродија и низа патриотски здруженија и организации т.н „братства“ кои пропагираат национализам, говор на омраза, поттикнуваат насилство, предизвикуваат верска и етничка нетрпеливост. Речиси сите, без исклучок, во своите логоа или грбови имаат крстови костурски глави, копја, пушки, бомби, ками…
„Ние сме држава која 11 години беше раководена од власт која што главно освојуваше политички поени разгорувајќи национална, етничка и верска нетрпеливост. Не може, на пример, во една земја која е мултиетничка, мултикултурна, мултиконфесионална, вие да ставите крст на Водно. Тоа говори дека една религија се става над другите“, смета Пировска, според која ќе треба време повторно да се изградат цивилизациските вредности кои во моментов се уништени.
Социологот Илија Ацески, исто така, укажува на кризата на вредности и на можноста од лесно приклонување кон погубни идеологии. Сепак, тој смета дека од двата последни немили испади не може да се извлече констатација дека станува збор за масовна појава на нетолеранција кон различностите во земјава.
„Овдешниот народ во принцип е гостопримлив. Не можете да му ја залепите етикетата ксенофобичен, да немаме илузија. Стравот од иднината во прилично сиромашна средина доведува до пораст на нетолеранцијата и дискриминацијата. Многумина од нас веројатно се изненадени и од однесувањето на одредени поединци кои до вчера сте ги познавале како едно, а сега нивното поведение е нешто сосема друго. Незадоволниот (не)свесно бара каде да ја истури негативната енергија. А, секое такво истурање кон друг човек, кој е дефиниран, кој има свое јас, носи последици. Во случајов ова ништо не кажува за гостите, туку за немоќта на тој што го направил инцидентот“, вели Ацески.
Она што посебно го нагласува е дека многу потешко е да се промени нешто со аналитички опсервации. Тоа што итно ни е потребно е доследна примена на правото. Имаме, вели Устав, имаме закони. Омразата која се гледа и на интернет и на разноразни собири е случај за полицијата и Обвинителството. Само како пример – за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од една до пет години.
МНР со извинување до претставниците на НВО од Република Кореа
Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Зоран Попов ги прими и упати извинување до претставниците на невладина организација од Република Кореја кои беа изложени на вербален акт на нетрпеливост и ксенофобија во центарот на Скопје.
„Остро го осудуваме овој изолиран чин на говор на омраза, расизам, ксенофобија и нетолеранција, што се коси со темелните вредности на македонското општество и очекуваме надлежните органи да го откријат и соодветно санкционираат сторителот“, соопшти МНР.
Воедно, се посочува дека борбата против говорот на омраза, расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и други видови нетолеранција треба да биде една од најважните вредности на нашето општество, особено имајќи ја предвид неговата мултикултурална димензија.
„Таа борба треба да биде императив на сите институции, но и на граѓаните на нашата земја“, стои во соопштението.
Шилегов: Не, на ксенофобијата и расизмот
Во врска со инцидентот со групата Азијци се огласи и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов кој го осуди ваквото однесување.
„Денешниот ксенофобичен испад на наш сограѓанин кон туристите во центарот на Скопје е срам за градот и земјата и е спротивност на сè што Скопје е – град на солидарноста, космополитизмот и заедништвото. Го нудам моето најдлабоко извинување во името на сите добронамерни скопјани. Во Скопје нема да толерираме вакво однесување. Ги повикувам надлежните да поведат истрага за овој инцидент бидејќи остава сериозна дамка врз угледот на градот и земјата. Драги скопјани, бидете гостопримливи, почестете ги овие туристи насмевка и отворена душа, ако ги сретнете низ градот. Не, на ксенофобијата и расизмот. Скопје отворен град. Град за сите !!!“, напиша Шилегов.
Спасовски се извини на туристите кои беа вербално нападнати и апелира на одговорност
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска, исто така, упати извинување до Корејците кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје, а за што беше објавено видео на социјалните мрежи. Очекува брза и ефикасна постапка од Министерството за внатрешни работи и санкции и апелира на одговорност кај граѓаните.
„Говорат на омраза, недоличното однесување, говорот којшто создава фрустрации и конфронтации во македонското општество е непожелен. Дури и тогаш кога се употребува во политички цели тоа создава поголеми конфронтации и меѓу населението. Им се извинувам на туристите и апелирам на одговорност кај граѓаните“, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
Преку каков било вербален или физички напад кон никого, како што потенцира, не може да се реши кој било проблем.
„За секој од проблемите постојат институциите и очекувам дека МВР, министерот ќе постапат брзо, ефикасно, ќе преземаат мерки и ќе се преземаат соодветни санкции кон секој кој го нарушува интегритетот, достоинството на секој човек без разлика дали е тоа граѓанин на Северна Македонија или е некој турист којшто се наоѓа во посета на Северна Македонија. Сите треба да бидеме длабоко свесни дека сите сме лицето на државата. Одговорност кон државата имаме сите, безбедноста сме сите, не се само институциите на системот, туку секој граѓанин, медиумите, институциите на системот, претпријатијата итн“, наведе Спасовски.
Видеото што беше објавено на социјалните мрежи покажува дека извесно лице вербално напаѓа туристи, во контекст на корона вирусот.