Дали во државата треба да се прогласи вонредна или кризна ситуација? – Иако навидум двете состојби предвидуваат генерално исти мерки кои би значеле построга контрола и поголеми забрани за граѓаните, сепак вонредната состојба овозможува поефикасно и поитно функционирање на институциите.
Имено, во највисокиот правен акт Уставот на Република Северна Македонија во членот 125 е наведено дека – „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство
гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане (каков што е случајот во моментов), одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“.
Што значи ова? – Дека претседателот Стево Пендаровски може веднаш да прогласи вонредна состојба и да започнат да се спроведуваат мерките, ограничувањата и забраните при секојдневното функционирање на граѓаните. Понатаму, во членот 126 од Уставот стои – „При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.
Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“.
Ова пак значи дека Владата ќе има простор да донесува уредби со законска сила без тие да поминат низ законодавниот дом. Во превод сите одлуки кои Владата би ги донела во време на вонредната ситуација ќе може веднаш да се ефектуираат, а тоа би значело поитно и поефикасно справување со заразата. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по лидерската средба зборуваше токму во овој правец, дека вонредната состојба е неопходна за да може ефикасно да се донесат итни мерки од Владата, особено оние кои се однесуваат на здравствената состојба на граѓаните, но и за економските мерки за помош кон стопанството, а со тоа и кон граѓаните.
За ВМРО ДПМНЕ низ неколку свои преставници, како претседателот Мицкоски или министерот Чулев се залага за прогласување на кризна состојба. Овој термин не е содржан во Уставот на државата, односно таму се споменуваат само воена и вонредна состојба, но не и кризна. Но, кризната состојба се третира во Законот за упавување со кризи, што е понизок правен акт од Уставот. Наспроти вонредната состојба која го овозможува погоре наведеното, кризната состојба поставува своевидни ограничувања, кои може да влијаат врз ефикасноста на владините мерки во справувањето со вирусот.
Во Законот за управување со кризи, во член 30, се дефинира кризната состојба – „Кризна состојба се прогласува заради справување со кризна состојба која претставува ризик по добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на нејзин дел. (како што е примерот со Дебар).
Сериозноста на ризикот треба да биде од таква природа на зафатеност на подрачјето или добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или безбедноста на Републиката или на дел од неа, за која не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба“. Ако се следи завршниот дел на овој член тогаш кризна ситуација се прогласува ако не постојат услови за вонредна состојба. А услови за вонредна постојат и лесно се прогласува.
Да се вратиме на Уставот, таму стои дека вонредна состојба се прогласува во време на епидемија, значи исполнет е тој услов, а ја прогласува претседателот, во случајов Пендаровски. Понатаму, во Законот за управување со кризи стои дека кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена. Ако постои потреба од подолг период тогаш Собранието мора да го одобри тоа, што во случајов е неможно, или како втора опција, ако не се продолжи рокот на кризната состојба тогаш се преминува на прогласување вонредна состојба.
И пак сме на истото – вонредна состојба, но која би задоцнила 30 дена, наместо да биде прогласена веднаш. За разлика од вонредната состојба во која Владата го има главниот збор, во кризна ситуација главен орган би бил Центарот за управување со кризи (ЦУК) кој ќе треба да постапува согласно законот, а тоа значи дека ќе треба да се формираат кризни штабови на цела територија, што пак би значело ангажман на многу поголем број лица што во услови на епидемија не е препорачливо, а потребно е и повеќе време. Наспроти ова, во вонредна состојба ситуацијата би ја контролирала владата и целата операција со справување со вирусот би била полесна за изведување.
Разликата меѓу вонредна и кризна состојба е важна и за ефикасноста на мерките кои владата би можела да ги превземе за да се превенираат и санираат економските последици кои неизбежно ќе бидат големи на што владата мора да одговори соодветно. Во услови кога Собранието е распуштено, државата е во
кризна, а не вонредна состојба, на владата и се врзуваат рацете во било кој обид да одговори адекватно на еден непредвидлив развој на ситуацијата кој може би наложува мерки кои не се предвидени во постоечките законски рамки.
Не случајно во повеќето земји во регионот е воведена вонредна состојба а тоа е трендот и во земји членки на ЕУ.