Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 19 до 22 март извршила 189 надзори пришто е констатирано дека во два објекта работеле лица без санитарни прегледи, неправилно означување и неводење записи, а во три објекти се евидентирани неправилности во однос на општата хигиенска состојба.
Во девет месарници, пак, е констатирано неправилно декларирање на месото и несоодветен термички режим на чување.
„Постапено е од страна на инспекторите на АХВ и на сите субјекти им е укажано да ги отстранат сите недостатоци“, рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашковска.
На прес-конференција во Владата, Филиповска Грашковска соопшти дека шесте инспекциски институции во земјава, за четири дена, од 19 до 22 март, извршиле вкупно 11.358 надзори.
Државен пазарен инспекторат (ДПИ) извршил вкупно 9.650 надзори, при што се затворени вкупно 21 угостителски објект и тоа во Скопје, во Куманово, во Битола, во Кочани, во Гостивар и во Струга.
Во истиот период, ДПИ направил и 869 надзори за контрола на замрзнатите цени, при што кај одредени трговци е констатирана промена на цените на неколку производи, но субјектите веднаш биле задолжени да ги вратат старите цени од 11 март годинава.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во овој период извршил вкупно 111 надзори и констатирал дека генерално се почитуваат владините мерки.
„Дополнително во овој период од четири дена од инспекторатот се издадени и 5.130 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила за влез во Република Северна Македонија. Овие дозволи се потребни за непречено снабдување на државата со неопходните стоки, но под посебен протоколарен режим“, изјави Филиповска-Грашкоска.