Бројот на луѓе кои починале од белодробно заболување предизвикано од коронавирус во Шпанија се зголеми за 514 за еден ден. Министерството за здравство денеска соопшти дека 2.696 лица досега ја загубија битката со Ковид-19 во земјата, додека бројот на новозаразени пораснал за речиси 6.600 и моментно изнесува 39.673.
Епидемиолозите, за жал, предвидуваат дека најтешките денови за земјата допрва претстојат. Шпанија, по Италија, е втора најсилно погодена европска земја од вирусот.
Во меѓувреме, 5.400 здравствени работници во земјата се инфицирани од САРС-Ков 2, соопшти началникот на кризниот штаб за борба против пандемијата, Фернандо Симон. Нивниот удел во вкупните инфекции се зголеми за два процента и сега изнесува 14 отсто.
Медиумите во Шпанија јавуваат дека владата во Мадрид покренала истрага за извештаите дека шпанските војници кои помагаат во борбата против пандемијата во старечките домови пронаоѓале заболени од Ковид-19 кои биле напуштени или починати.