Тутунопроизводителите од денеска од 16 до 23 часот ќе може да подигнат субвенции од банкомат, а од утре и готовина на банкарските шалтери што ќе се врши по азбучен ред, под контролиран режим и списоци од МВР, сооопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Субвенциите за тутунот се веќе на банкарските сметки на корисниците. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство и руралниот развој исплати над 30 милиони евра на 19.050 тутунопроизводители за субвенции за тутунот од реколтата 2019.
Максималниот износ на средства што ќе може да се подигне преку банкомат во текот на 24 часа е еднаков на дневниот лимит за подигнување готовина од дебитната картичка и истиот е веќе договорно утврден со банката чии услуги користи корисникот на средствата. За подигнување на готовина од добиените субвенции, потребно е дебитната картичка да е поврзана со конкретната сметка на која е извршена уплатата.
Поради заштита на здрвјето, од МЗШВ апелираат при посета на банкомат, тутунопроизводителите да се придржуваат до препораките за самозаштита, односно да почитуваат соодветна оддалеченост од другите лица кои чекаат во редот и да се користат ракавици при внесување на пинот и повлекување на средства.
Оние тутунопроизводители кои имаат потреба од подигнување готовина или од други причини не можат тоа да го сторат на банкомат и треба да ги подигнат субвенциите од шалтерите на банките, тоа ќе можете да го сторат во експозитурите и филијалите на банките во кои се нивните сметки, во општините во кои живеат, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето на тутунопроизводителот и тоа според следниот распоред:
· 21 април (вторник) презимиња кои започнуваат на А, Б, В, Г, Д
· 22 април (среда) презимиња кои започнуваат на Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К
· 23 април (четврток) презимиња кои започнуваат на Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р
· 24 април (петок) презимиња кои започнуваат на С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш
„И при одењето во банка, потсетуваме, заради заштита на јавното здравје, да се почитува утврдениот распоред и препораките за држање на растојание додека се чека ред. Истовремено ве известуваме дека во периодот од 21 до 24 април, во општините каде што живеат повеќето од тутунопроизводителите, со продолжено работно време од 8 до 17 часот ќе работат филијалите и експозитурите на НЛБ Банка во Прилеп, во Битола, во Радовиш, во Велес, во Струмица, во Кочани, во Кавадарци и во Неготино, додека на Стопанска банка АД Скопје во Прилеп, во Битола (Широк Сокак), во Радовиш и во Струмица“, наведуваат од МЗШВ.
Во другите општини, филијалите и експозитурите на сите банки ќе работат според постојното работно време во овој период. Во општините во кои банките ќе работат со продолжено работно време, при посета на филијала или експозитура заради подигнување готовина од исплатени субвенции за тутунопроизводителите, движењето ќе биде овозможено до 18 часот, потенцираат од МЗШВ.