Возрасни 2″ крева најмногу прашина на годинашните награди Златна малина. Продолжението на откачената комедија за четворицата другари од детството што ги играат Адам Сендлер, Кевин Џејмс, Крис Рок и Дејвид Спејд води со осум номинации во категориите најлош филм, продолжение, актерска екипа, сценарио, актер во главна улога за Сендлер, актер во споредна улога за Тејлор Лотнер, актерка во споредна улога за Салма Хајек и за режија за Денис Дуган.
За Сендлер ова не е прв пат да биде номиниран за наградите Златна малина, што почнаа да се доделуваат во 1980 година како пародија на холивудската сезона на награди. Лани ја освои наградата за најлош актер за улогата во комедијата за еден недораснат маж “Каков татко-таков син”, а неговата трансвеститска комедија “Џек и Џил” од 2011 година влезе во историјата на наградите Златна малина со рекордни 10 награди, при што Сендлер ги освои наградите за најлош актер и актерка.
Во категоријата најлош филм номинирани и се комедијата за Дивиот Запад “Осамениот ренџер” со Џони Деп и Арми Хамер, комедијата на Тајлер Пери “Божик со Мадеа”, “По Земјата” со Вил и Џејден Смит и “Филм 43” со ѕвезди во главните улоги како Кејт Винслет, Ричард Гир, Хју Џекман и Хали Бери. “По Земјата”, “Божик со Мадеа” и “Филм 43” се изедначени со по шест номинации.