Горивата од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за два до четири денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,76 отсто.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за два и пол денара по литар и ќе изнесува 49,5 денари. Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за два денара и ќе чини 52 денара за литар.
Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за четири денари и ќе изнесува 42,5 денара за литар, додека малопродажната цена Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за три и пол денари и ќе изнесува 30,5 денари. Со одлуката на РКЕ за 2,178 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе чини 16,945 денари.
Како причина за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат намалените референтни цени на светскиот пазар на бензините за околу 24,55 отсто и кај дизелот за околу 31,9 отсто, како и за 0,665 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот во изминатите седум дена.